Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНухиу за Алсат: Веќе три години се неисправни комуникациските системи во МВР

Нухиу за Алсат: Веќе три години се неисправни комуникациските системи во МВР

Министерот за внатрешни работи Агум Нухиу во интервју за телевизија Алсат вечерва откри дека веќе 3 години во МВР не функционира интерниот систем за снимање на командите во МВР. Тоа значи дека не се чуваат докази кој кому издавал наредби во полицијата, кој одбил или постапил по командите.

Нухиу на прес конференција по крвавиот четврток во Собрание, обелодени дека два часа не можел да стапи во контакт со директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Министерот деновиве повикал експерт од Германија да го вештачи т.н. тетра – систем, но за жал експертот утврдил дека тој не е во функција од 2014 година.

„Тоа е систем за комуницирање со команди кој се прави внатре во МВР и имаме три сервер – оператори кои треба да бидат поврзани со апаратот за снимање на сите команди. Јас веднаш побарав вештачење дали се снимени сите команди, кои биле дадени преку тетра – системот.Повикав експерт од Германија и тој направи проценка дека два сервера за жал не биле поврзани со апаратот за снимање на команди и било констатурано дека такво нешто не функционира не сега туку од 2014 година.Зошто не работеле, одговор треба да дадат органите кои треба да го водат процесот на истрага за кривична одговорност и се разбира се бара проценка од експертите или посебно екстра вештачење“- изјави министерот Нухиу.

Нухиу исто така откри и други детали од заткулисните игри кои се случувале на 27. април.

„Двајца вработени добиле наредба од еден висок началник во УБК да влезат во Собранието и да ги земаат хард-дисковите, по што ги земале, но за среќа, имало резервни хард-дискови и ние сепак успеавме да ги земеме снимките.“

Министерот изјави дека познат е идентитетот на вработените и на началникот кој ја издал наредбата за одземање на дисковите и против нив ќе биде поведена кривична постапка.

Според него, на 27 април имало сценарио кое требало да послужи како повод за прогласување на воена состојба од страна на претседателот Иванов.

„Сценариото кое според моето мислење постоеше е да се удри по Собранието. Има и гласини кои не сум ги потврдил, односно дека полицајците се повлекле од вршење на законските должности, бидејќи слушнале дека треба да чекаат уште некое време, со цел претседателот да ја извади армијата и да прогласи вонредна состојба“- вели Нухиу