Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНухиу: Чавков и структурите кои слушаа политички, а не полициски наредби ќе одговараат

Нухиу: Чавков и структурите кои слушаа политички, а не полициски наредби ќе одговараат

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу најави дека од лидерот на ДУИ Али Ахмети ќе бара да го повлече од функцијата министер, од морални причини, пренесува Сакам да кажам.

„Чувствувам морална одговорност што не успеав да го тргнам влијанието на политиката во Министерството за внатрешни работи со кое раководам овие неколку месеци. Ќе барам мое повлекување за тоа. Но, дотогаш ќе обезбедам мирен трансфер на власта, но и одговорност од раководните структури на МВР и на оперативниот штаб на кој за раководно лице беше назначен директорот за јавна безбедност Митко Чавков“, рече на прес-конференцијата во МВР министерот Нухиу.

Тој апелираше до државниот обвинител Марко Зврлевски да се вклучи со цел најбрзо да се расчисти, како однесувањето на Чавков во МВР, така и синоќешните насилства во Собранието, кое резултираше со 100-тина повредени пратеници од СДСМ, протестанти, насилници и припадници на полицијата. Апелираше Јавното обвинителство да ги најде, како што рече, директно одговорните за крвавиот настан во Собранието.

„Дел од структурите во МВР синоќа не си ја завршија работата, за што ќе мора да сносат одговорност. Имаше формирано оперативен штаб во услови на мирни протести, во услови на избор на претседател на Собранието, и за избор на Влада. Раководител беше Митко Чавков. Од почетокот на ескалацијата на насилствата во Собранието, до 20 часот, Чавков не беше достапен за мене, иако го барав по телефон, а и лично во оперативниот штаб“, обвини министерот Нухиу.

Тој најави дека внатрешната контрола ќе утврди одговорност, како на Чавков, така и на вработените во МВР кои одбивале да постапуваат по неговите и наредби и место тоа, постапувале по наредби, како што рече, на политички центар.

Нухиу се заблагодари на полицајците кои професионално си ја завршија работата, за кои, рече, се во најголем број за среќа во МВР.

Извор: sdk.mk