Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНПС бара одговорност од Чавков за Крвавиот четврток, а не кај обичните полицајци

НПС бара одговорност од Чавков за Крвавиот четврток, а не кај обичните полицајци

Независниот полицискиот синдикат побара директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, да одговара, а министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу да сведочи зошто го оставил да го води Оперативниот штаб на 27 април, што доведе до потфрлање на интервенцијата на полицијата при упадот на деномстрантите и напаѓачите во Собранието.

Ова беше соопштено од полицискиот синдикат на денешната прес-конференција која се оддржа пред Собранието, по повод суспендирањето на четворица припадници на ЕБР, што според синдикатот е хајка против обичните полицајци.

Синдикатот побара Чавков и другите раководители од МВР да ја поделат вината за настаните од 27 април.

Вчера и вториот полициски синдикат побара да не се занемари командната одговорност, а случаите против припадниците на полицијата да се водат како поединечна одговорност.

Поради потфрлањето навремено да интервенираат на инцидентот во Собранието на 27 април, од полицијата се суспендирани вкупно 22-ца припадници на МВР. 20 полицајци не презеле постапки за спречување на инциденти, еден вработен во СВР Скопје учествувал директно во нападот врз пратениците, а помошник министерот Небојша Стајковиќ е суспендиран поради тригодишно нефункционирање на системот Тетра кој не ги снимил полициските наредби.