Friday, Mar 29, 2024
HomeUncategorizedНово рочиште за „Триста“

Ново рочиште за „Триста“

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи рочиште за предметот на СЈО „Триста“, во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила.

Досега судењето беше одлагано два пати, бидејќи Поповски не доаѓаше во судот, а како причина за неговото отсуство се наведуваше неговата влошена здравствена состојба. На последното рочиште на кое присуствуваше Поповски, неговиот адвокат Боро Тасевски потенцираше дека обвинетиот дошол во судницата само заради сомневањата во врска со неговата здравствена состојба.

Судот за денешната главна расправа го повика лекарот кој го издал боледувањето за Поповски да даде појаснување за здравствената состојба, а дополнително на барање на Обвинителството ќе биде повикан и психијатар кој што ќе каже дали обвинетиот може да го следи судењето.

Поповски се сомничи дека го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Во овој предмет, како што веќе објави МИА, Апелацискиот суд одлучи дека прислушуваните разговори може да се користат како доказен материјал.