Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНово одложување на рочиштето за „Сопот“

Ново одложување на рочиштето за „Сопот“

Денешното рочиште од судењето за случајот „Сопот“ беше одложено, а следното судот го закажа за 18 октомври. Денешното рочиште беше одложено на барање на одбраната на десеттемина обвинети поради промена на судиите во кривичниот совет и поради тоа што обвинението за случајот сега го застапува Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, се согласи со барањата на одбраната, но не сакаше да даде изјава за медиумите по завршувањето на рочиштето.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска предложи на следното рочиште да бидат сослушани сведоци.

Инаку, „Сопот“ е судски случај во кој жители од кумановското село Сопот беа обвинети за тероризам, односно за поставување мина на пат на која нагази теренско возило на НАТО со полски војници и со наши државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За тоа дело, 11 лица беа осудени на затворски казни. Случајот подоцна беше вратен на повторно судење, кое постојано се одложува.

Во еден од прислушуваните разговори што во 2015 година ги објави тогаш опозицискиот СДСМ, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.

СЈО овој случај го побара од Обвинителството за организиран криминал и корупција во ноември минатата година, а му беше предаден на почетокот на јули годинава.