Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНовинарите ќе објаснуваат зошто им требаат бесплатните документи од Централниот регистар

Новинарите ќе објаснуваат зошто им требаат бесплатните документи од Централниот регистар

Централниот регистар денеска информираше на кој начин новинарите може да го остварат своето право на бесплатен пристап до информации откако Владата на 26. седница донесе ваква одлука.

Во одлуката на Владата стои дека Централниот регистар и Агенцијата за катастар за недвижности треба во рок од 30 дена да им овозможат на новинарите бесплатен пристап до јавните исправи кои ги издаваат овие институции.

За новинарите е спорно тоа што во барањата треба да се наведе за какви истражувачки теми ќе се бараат документите.

„Пристапот ќе се овозможи на секој новинар кој ќе достави писмено барање со потпис и со печат од главниот уредник на медиумот во кој е вработен, со објаснување за какви истражувачи цели се бара јавната исправа“, стои во одлуката на Владата.

Директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска-Јанковски, рече дека не знае зошто е потребно да се наведе ова објаснување од страна на новинарите и дека тоа било одлука на Владата.

– Ние, како институција, треба да се заштитиме и треба да знаеме за што се потребни тие информации – рече Бошковска-Јанковски.

Во одлуката на Владата се вели и дека Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности прецизно мора да назначат на видно и јавно место дека бараниот документ е во функција на истражувачка дејност и дека не треба да се злоупотребува за други цели.

Бошковска-Јанковски информираше дека новинарите имаат можност да добијат 2.000 информации по 80 проценти пониска цена од тарифникот на Централниот регистар.