Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаНови информации за пукањето на скопска Клиника

Нови информации за пукањето на скопска Клиника

Како што веќе објавивме, по утринското пукање на скопските клиники, ситуацијата сега е смирена, но тензична. Докторот кој беше погоден од огнено оружје по операцијата е надвор од животна опасност.

41-годишниот Љубомир Огненовиќ завршил со два куршуми во ногата, од вкупно испуканите четири. Тројцата осомничени кратко по обидот за бегство биле уапсени од полицијата. Во моментот на пукотниците на одделението имало 40 пациенти кои биле сведоци на настанот. Лекарите, пациентите и останатиот персонал останале заклучени по канцелариите, операционите сали и ординациите се додека полицијата не им дала знак дека е безбедно да излезат.

Парафинската ракавица треба да го пронајде сторителот од тројцата уапсени осомничени. Неофицијално, незадоволни од исходот на операцијата на мајката на еден од напаѓачите, кога ја слушнале лошата вест тројцата осомничени скопјани револтирани со пиштол упаднале во Клиничкиот Центар.

Како што соопштуваат од Клиника, пациентката имала излив на белите дробови, хронично воспаление на срцевата обвивка, застој во работата на десниот бубрег, течност во абдоменот и акутно воспаление на жолчното ќесе

По овој настан лекарите излегоа на краток протест тие изразија голем револт поради условите во здравството. Лекарите кои излегоа на штрајк посочија дека нападот кон  белиот мантил е напад кон целиот свет. Додадоа дека работат под постојан психички и физички притисок,  како и дека нема никакво оправдание за постапката на роднината на починатата пациентка. Тие го повикаа министерот Тодоров да понесе одговорност.

Тодоров иако дојде на Клиника прво ги одбегна новинарите, а потоа на прес конференција кажа дека се чувствува морално одговорен, но да си поднесе оставка не размислувал.

Инцидентот беше тема и на политичките партии, од СДСМ побараа Тодоров да си поднесе оставка. Тие посочија дека најголемите скандали се случија во време на неговото министерување. Тие побараа посебен закон за лекарите, а како резултат за хаосот во здравството ги посочија политиките на Груевки и Тодоров.

„Толку е лоша состојбата со здравството во Македонија што денеска беше пукано во лекар, a уште три лица беа поврдени во престрелка на Клиниката за абдоменална хирургија.Со Никола Груевски и Никола Тодоров каубојските филмови станаа реалност и во болниците.Недозволиво е во еден Клинички центар во којшто секојдневно влегуваат и излегуваат илјадници луѓе, барајќи здравствена помош, на некого да му биде дозволено да пука. Лекарите во јавното здравство немаат основни услови за работа а примаат мали плати. Поради хаосот во здравството лекарите во Македонија се загрозени дури и на работното Тодоровместо.Тодоров и Груевски ги оставија лекарите без никаква заштита ниту сигурност во извршувањето на најблагодарната работа, да се грижат за здравјето на граѓаните.

Што уште треба да се случи за Никола Тодоров конечно да замине?

Граѓаните знаат. Доста беше. Збогум Никола“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудија нападите на лекарите, побараа од сите општествени чинители најостро да го осудат овој настан, а политичките партии да не го злоупотребуваат настанот за политички цели.

ВМРО ДПМНЕ– Истовремено бараме да престане инструираната политичка и медиумска хајка која неколку месеци по ред се води од страна на СДСМ и соросовите медиуми против медицинскиот персонал и здравствените установи, бидејќи на тој начин се генерализира и девалвира работата на здравствените работници. СДСМ и нивните медиуми треба да бидат свесни дека нивната црна кампања може да доведе до немили настани како денешниот, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Цел Клинички центар беше под опсада на полиција, специјалци но и пациенти кои имале закажано преглед истиот ден.

Ќе сноси ли некој одговорност за ваквите инциденти и ситуацијата во здравството, останува да видиме.


Н.С