Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаНови и екстремни лулашки во новиот луна парк

Нови и екстремни лулашки во новиот луна парк

Првите реквизити за луна паркот ќе чинат околу 1,8 милиони евра, од кои дел ќе бидат за мали деца, а дел за возрасни. Околу 1,8 милиони евра ќе чинат првите реквизити за луна паркот. Град Скопје деновиве распиша тендер за набавка на вртелешки, лулашки и на воз. Според тендерската документација ќе се купуваат седум нови реквизити од кои дел ќе бидат за мали деца, а дел за возрасни. Во паркот ќе има вртелешка со хоризонтално ротационо движење составена од минимум 10 краци, со капацитет за 30 патници, реквизит од тип на кула што функционира на принцип на вертикален пад, со минимум 16 седишта, нишалка со воздушно движење, која се ниша околу цилиндар и притоа овозможува возбудливо забрзување и стоење во воздух на врвот од секое нишање и реквизит со ротирачка платформа на која се поставени дизајниран чајник во средината и околу него минимум шест филџани со ротационо движење и магнетни сопирачки. Предвидено е луна паркот да се опреми со реквизити за мали деца и тоа со мал воз со една локомотива со минимум три вагони, со вртелешка со ротационо движење околу централна оска и со патека-шина на која се движат возила дизајнирани со сафари тематика. Од Град Скопје велат дека со градежни работи на новиот луна парк ќе почнат штом ќе заврши тендерот.

“Откако ќе заврши тендерот, потребно ќе биде време да се изработат реквизитите од страна на фирмата која ќе има најдобра понуда. Додека се прават реквизитите ќе се работи и на уредување на просторот”, велат од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски.
Според проценките на градските власти новиот луна парк ќе чини околу 6,5 милиони евра. Средствата од 6,5 милиони евра колку што се проценува дека ќе чини паркот ќе се обезбедуваат етапно. Од Градот објаснуваат дека овие средства не можат да се обезбедат во текот на една година, па поради тоа изведбата на објектот ќе се одвива етапно, во фази, при што и финансиските средства за изградбата на луна паркот, набавката на реквизитите и нивното монтирање се планира да бидат обезбедени од Буџетот на Градот Скопје, во текот на 2016, 2017 и 2018 година.
Врз основа на идејниот проект изработен од “Буилд урбан” ДООЕЛ Скопје, паркот ќе има административни објекти, нови забавни реквизити за возење во согласност со европските стандарди за безбедност, објекти за служење на храна и пијалаци, дел за продажба на сувенири, затворен дел за играње, паркинг простор, соодветна техничка инфраструктура и тематизација на паркот.

Извор: Вест