Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионНови 10 милијарди евра за Грција од еврозоната

Нови 10 милијарди евра за Грција од еврозоната

Министрите за финансии од еврозоната рано утрово постигнаа договор што на Грција ќе и дозволи пристап до нова транша од спасувачката финансиска помош.

Деталите за договорот, до кој се дојде по 11-часовни тензични преговори во Брисел, не беа веднаш соопштени, но тој во себе го вклучи напредокот за особено деликатното прашање за олеснување на грчкиот долг.

„Постигнавме важен пробив, кој ни овозможува да влеземе во нова фаза во финансиската програма за помош за Грција“, рече на прес-конференција претседателот на Еврогрупата Јерун Деиселблум, цитиран од Ројтерс.

„Тоа далеку надминува сè што неодамна мислев дека е можно, меѓусебната доверба се враќа во преговорите“, додава тој.

На Грција ѝ е потребна оваа транша пари за да ги врати долговите чиј рок истекува во јули.

Грчката влада на своите доверители им должи повеќе од 300 милијарди евра – околу 180 отсто од нејзиното годишно економско производство (БДП), вели Би-Би-Си.