Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДо кога Темида, за едни ќе биде мајка, за други маќеа?!

До кога Темида, за едни ќе биде мајка, за други маќеа?!

Реформите во правосудството се провлекуваат низ годините, како еден од клучните критериуми кои на Македонија постојано и се нагласуваат од страна на Европската унија, како клучен критериум за напредок во евроинтегративните процеси. После 15-годишно замрзнување на статусот на нашата земја во однос на процесот на целосна интеграција во ЕУ, од Брисел има најави за отворање на рампата за Македонија и Албанија, односно ветување дека ќе ги отвориме поглавјата за преговарање, 36 на број. Поглавјето 23, е едно од најспецифичните, т.е поглавје во кое на земјите-кандидатки не им се „прогледува низ прсти“, народски кажано. Создавањето на ефикасен, стручен, непартиски и ослободен од политички влијанија судско-обвинителски систем е императив за многу земји од Балканскиот полуостров, но и од целиот поранешен источен социјалистички блок, бидејќи имаме примери како што се Унгарија и Полска, долгогодишни земји членки на Унијата, кои денес се критикувани дека имаат „политички подјармени“ правосудни системи. Македонскиот правосуден систем низ годините, покажа низ дела, дека кога сака е ефективен и експедитивен, а кога не сака, предметите ги чува во фиока. Куриозитетно, истото се однесува и за Уставниот суд, највисоката судска инстанца, задолжена да ја толкува уставноста и законитоста на донесените закони. Многумина експерти се согласуваат дека човечкиот материјал, односно персоналниот капацитет на судиите е клучен за создавање на независен и ефикасен судско-обвинителски систем. Професорката на Иститутот за социолошки и политичко-правни истражувања Мирјана Најчевска во своја изјава за „Нова Македонија“, вели дека состојбите во овој сектор се исклучително проблематични, а за сето тоа потврда добиваме и од многубројните меѓународни извештаи за Македонија, кои сублимирано велат дека како земја, не можеме да мрднеме од мртва точка, ако не си го реформираме не само целиот правосуден систем, туку и целата правна држава.

-„Не случајно поглавјето 23 е поглавје, што оваа тематика ја третира и е едно од првите што треба да ги сработиме, ако сакаме сериозно да се добилижиме до ЕУ. Она, што за жал, ни го покажаа властите на сите политички гарнитури во минатото е дека без волја за хируршки длабоки резови во правосудството, нема да си го решиме проблемот. Нам не ни треба козметика за да ги надминеме апсурдите за траењата на судските процеси или за овие што се случуваат во истрагите на обвинителствата, нам ни треба операција да го исфрлиме проблемот“, категорична е професорката Најчевска.

Голем број на предмети, иницирани од Специјалното јавно обвинителство, застареа, или пак се „заглавени“ во судските лавиринти, без нивна скорешна завршница, додека поранешниот претседател на Основниот суд-Скопје 1, Владимир Панчевски, доби експресна завршница во неговиот судски предмет, добивајќи  првостепена  казна затвор од 3.5 години.Многумина ова го толкуваат како директно мешање на политичките центри на моќ во соодветните судски предмети. Американската амбасада кај нас, ја поздрави одлуката за оваа „ефикасна судска разрешница“.