Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНОВА: Серија жени жртви на истиот гинеколог

НОВА: Серија жени жртви на истиот гинеколог

Жената која нејзиниот гинеколог цели девет месеци ја манипулирал и лажел дека е бремена, не е единствена. Веднаш по објавувањето на сторијата на НОВА, во редакцијата се јавија десетина жени кои раскажаа слични искуства со гинекологот против кој е поднесена тужба. Некои од нив застанаа со име и презиме зад своите изјави, други сакаа да бидат објавени со нивните иницијали.

Своето искуство со гинекологот го сподели Л.К од Скопје. Таа вели дека штом го видела текстот на НОВА знаела за кој лекар се работи.

„Истото ми се случи и мене со гинекологот Никола Дамчевски додека работеше во една приватна болница. И мене ми соопшти дека сум бремена, иако бев сигурна дека не сум бидејќи пред да ми направи ЕХО направив тест за бременост. Знаејќи колку желно чекаме бебе, излезе во ходникот и гордо му соопшти на мојот сопруг дека ќе стане татко, дури го викна да го види бебето на ЕХО. Мојот сопруг полета од радост, а јас пред лекарот му реков да не се радува непотребно бидејќи јас знам дека не сум бремена.

Му реков на гинекологот дека ме боли стомакот бидејќи очекувам месечен циклус. Тој ме убедуваше дека стомакот ме боли заради тоа што сум бремена. Јас му се јавив утредента да му кажам дека добив месечен циклус, а лекарот упорно ме убедуваше да ми направи Ин витро, тој лично. Јас повеќе не сакав да го видам. Да си играш со нечии чувства е многу болно“, раскажа Л.К. од Скопје.

Друга пациентка, Билјана Крстевска, се чуди како гинекологот се уште работи и тоа во јавно здравство бидејќи, како што вели, многу пати бил пријавуван:

„Јас имам многу лошо искуство со гинекологот. Заради него за малку ќе ја изгубев шансата да се реализирам како мајка. Ми даваше терапија која не сум смеела да ја примам, а воопшто не ми кажа дека имам тумор на матка. Се ова за малку ќе ме чинеше живот. На Клиника за гинекологија ме оперираа и одвај ме спасија. Се е во парите “, изјави Крстевска на НОВА.

Таа вели дека особено подложни на манипулација се жените кои се борат со стерилитет, се обидуваат да забременат со Ин витро, а во тие моменти за нив лекарот е господ. Да лажеш жена која очајнички сака да стане мајка е ужас, вели И.Н од еден град во внатрешноста.

„Мене истиот овој гинеколог ме лажеше дека ми прави Ин витро на природен циклус. Ми направи лажен трансфер и ме остави да лежам во сала повеќе од еден час иако имав платено болничка соба.

За тоа време отишол во болничката соба каде што ме чекаше сопругот и му побарал веднаш да плати, но рекол дека не може да му даде фискална сметка бидејќи не му работи фискалната каса. Сопругот му дал 40 000 денари на рака. Лежев дома две недели во надеж дека ќе успеам да забременам.

Во меѓувреме, гинекологот ми рече проверка да направиме во мојот град и веќе не го видовме, не одговараше на телефон. Освен фискалната сметка за пункција, друг доказ немам инаку и јас ќе го тужев“, изјави И. Н. за НОВА.

Една од жените која сакаше да остане анонимна, за НОВА раскажа слична сторија- дека исто така поднела пријава против гинекологот, но ја повлекла од обвинителство бидејќи не сакала да се потсетува на тоа како била изманипулирана и низ какви трауми поминале со сопругот. Случајот е ист како кај нашата соговорничка која имаше храброст да ја раскаже својата приказна иако анонимно, но со докази и медицински документи.