Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНов институционален пинг понг околу случајот „Макпетрол“

Нов институционален пинг понг околу случајот „Макпетрол“

Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии од вредност, кои според законот имаат клучна улога во процесот поврзан со обидот за преземање на Макпетрол, си ја префрлаат одговорноста околу важните аспекти на случајот, оставајќи ги акционерите и вработените, но и целокупната македонска јавност, без клучните информации за овој случај.

Една од овие информации е поврзана со валидноста на банкарската гаранција која „БПХЛ“ наводно ја предал во Централниот депозитар. И покрај тврдењата на компанијата дека обезбедила гаранција за 47.5 милиони евра потребни за исплата на акциите кои сака да ги купи, во медиумите уште пред два месеца се појави информација дека „Балкан Петролеум“ всушност ја нема обезбедено гаранцијата. Од Депозитарот овие информации и натаму не ги потврдуваат, ниту ги демантираат. За сите информации околу ова, Директорката на Централниот депозитар Елена Јакимовска Петровска упатува на Комисијата за хартии од вредност. Таму, пак, не откриваат ништо околу овој клучен дел од понудата на „БПХЛ“.

Вaквото префрлање на одговорноста, всушност, е одраз на целокупниот однос на македонските институции кон овој случај. Ниту една институција досега не ги истражи основаните сомневања за коруптивно и матно минато на бизнисмените од „БПХЛ“ кои сакаат да ја купат најголемата македонска нафтена компанија. Од Комисијата и Депозитарот упатуваат на Управата за финансиско разузнавање, но и оттаму нема никаква назнака дека нешто е направено за да се проверат наводите за минатото на сомнителните руско-украински „инвеститори“.

Компанијата „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“, основана на крајот на мај годинава во Лондон, е во сопственост на други фирми од Кипар и Британските Девствени Острови, а оваа офшор-шема уште од самиот почеток ги подгрева сомневањата за потеклото на капиталот со кој „инвеститорите“ сакаат да го преземат Макпетрол. Сè уште не се знае кој е вистинскиот сопственик на анонимната фирма, основана со почетен влог од само 1.000 фунти, ниту од каде потекнуваат нејзините пари.

Додека надлежните молчат и си ја префрлаат одговорноста, акционерите и вработените во Макпетрол, како и другите заинтересирани лица, и натаму се во неизвесност за нивните акции, но и за иднината на компанијата, во случај институциите да дозволат сомнителниот капитал од странство да влезе во македонското стопанство.