Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНикој не сака да ја гради хидроелектраната Бошков мост

Никој не сака да ја гради хидроелектраната Бошков мост

За проектот Луково поле се уште нема студија, ХЕ Бошков мост никој не се нафаќа да ја гради. Двете хидроцентрали кои ЕЛЕМ ги претстави во јавноста уште пред две години тапкаат во место. Од министерството за животна средина ја чекаат поправената верзија на еколошката студија која Електрани на Македонија и по неколку месеци се уште им ја нема доставено. Бошков мост, „заглави“ на меѓународниот повик за изведувач.

И по неколку обиди се уште нема заинтересирана фирма, иако парите од Светска банка се одамна обезбедени. Одолговлекувањето на динамиката е првиот знак од владата дека и самата ги преиспитува ризиците и последиците од евентуалната градежни работи во Националниот парк Маврово – смета Александар Ѓоргиевски од невладината органзација „Изгрејсонце“.
izgrejsonce„Малиот број на заштитени природни резервати кои ги имаме во Македонија не треба да бидат изложени на градежни активности и да останат трајно осакатени од нашата моментална потреба за подобар енергетски биланс во економијата. Во 21-от век имаме бројни технологии и решенија за да оствариме економски раст и поголема енергетска независност со многу помала штета врз животната средина. Со изградбата на ваков проект во среде заштитен национален парк, ќе се создаде огромна водена површина, со која трајно ќе се наруши биодиверзитетот во целиот национален парк, а со тоа се поништува и самата цел на неговото постоење„ – смета Александар Ѓоргиевски од невладината „Изгрејсонце“.

Иако ЕЛЕМ уште во март годинава ги прифати забелешките на миниситерството за животна средина и вети дека ќе ги изостави водите од местото Длабока река во националниот парк Маврово кои беа спорни, се уште ја нема предадено еколошката студија во надлежното министерство. Оттаму нема одговор зошто доцнат или пак одолговлекуваат. Без оваа студија животна средина не може да донесе решение, односно зелено светло за евентуално понатамошно спроведување на проектот „Луково поле“.
boskov-mostОд животна, велат дека ги очекуваат измените во студијата и остануваат на ставот дека, без студијата нема да има хидроцентрала во национален парк. Ова наиде на критика на зелениот политички блок кој смета дека целиот изминат период министерството за животна средина безрезервно го поддржува планот за поплавување на делови од националниот парк Маврово.

ДОМ, која уште при самата промоција на проектите застана во одбрана на Реканскиот крај и успеа со проактивна политика да се изземе Длабока река од проектот, како и зачувување на биодиверзитетот, преку ваквиот развој на настаните оценува:

„Во врска со ова треба да се биде максимално претпазлив, бидејќи без соодветна постапка и навремено преземни мерки, тие можат да предизвикаат верижна реакција која ќе има силно влијание врз природата, локалното население, а веројатно ќе дојде до промена на климатските услови, губење на еден еко систем и создавање на нов, нешто со што овој регион веќе се има соочено по изградбата на постоечките хидроелектрани и акумулации од средината на минатиот век, кога се променила и економијата во областа, за што сведочи и локалното население“ – смета Тони Ристов од Демократска обнова на Македонија.
toni ristovПоследниот одговор на владата е дека сепак ќе се гради. Но, и по неколку месеци ниту еден владин претставник јавно не зборува за проектите. Последен е ставот на носителот на проектите во кој се наведува дека:

„ЕЛЕМ од почетокот работи на проектот Луково Поле според најстрогите меѓународни директиви и стандарди за животна средина. Во тој дел интервенирано е и со измена на дел од проектот и одлучено е Луково Поле да се реализира без Пројфел или длабока река што во основа значи дека пејзажот на планината Кораб ќе остане непроменет. Вкупната количина вода што ќе се пренасочи од Радика со акумулацијата Луково Поле нема да биде поголема од 1,4 кубни метри во секунда, што претставува 7 до 8 отсто од просечниот проток во река Радика. Во таа насока сосема е погрешно тврдењето на поединци и претставници на некои невладини организации кои пласираат тези дека реката Радика ќе исчезне или дека ќе биде целосно пренасочена кон Вардарскиот слив.“
he1Сепак, реакциите не стивнуваат, жителите на реканскиот крај будно го чекаат новиот развој на настаните и дали во нивниот национален парк ќе пристигне градежна механизација. Првиот човек на општината, Мухрем Мехмеди не е против инвестиции во општина Маврово-Ростуше, сепак се надева дека надлежните ќе ги испочитуваат нормативите и нема да дозволат било какво уништување на природата.

автор:Павле Беловски

Не е дозволено преземање на оваа содржина без дозвола на редакцијата на Позитив.мк, освен со линк до конкретната страница