Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНевладината „Јасна иднина“ ќе ја тужи новата влада

Невладината „Јасна иднина“ ќе ја тужи новата влада

По синоќешната одлука на Владата за стопирање на исплатата на средствата за невладините организации од Македонија, со реакција до медиумите се јави невладината „Јасна иднина“.

Во соопштението потпишано од извесен Валентин Црвенкоски, потпишан како претседател на Здружението на граѓани „Јасна иднина“ од село Небрегово, Долнени, пишува дека најостро ја осудуваат одлуката на Владата за стопирање на исплатата на одобрените проекти од Генералниот секретаријат на Владата.

„Согласно потпишаниот договор, ние сме почнале со изработка на проектот и настанати се првите финансиски импликации за имплементација на истиот. Ние бараме Владата веднаш и без никакво одлагање да ни ги исплати средствата за имплементација на проектот. Ние како организација ја почитуваме одлуката на Владата да побара да се направи ревизија на одлучувањето за доделување проекти. Ја охрабруваме владата и Државниот завод за ревизија да направат комплетна ревизија на процесот на доделување на проектите и доколку се најдат наоди за злоупотреби, сите оние кои учествувале во процедурате на доделување и одлучување за поддршка на проектите, да бидат кривично гонети. Сепак, одлуката за правење ревизија по проектите на никаков начин не смее да го запре процесот на исплата на проектите бидејќи за истите постојат решенија и договори, и расходите за нивно имплементирање се започнати“, пишува во соопштението.

Во реакцијата невладината известува дека за сите направени расходи за проектот ќе поднесат тужби за надомест на штета против Владата бидејќи нивните правни застапници ги известиле дека Владата нема право да го запре спроведувањето на проектот на никаков начин.