Friday, Apr 19, 2024
HomeАНТИСТРЕСЕкимНесоницата носи големи ризици од срцеви и мозочни удари

Несоницата носи големи ризици од срцеви и мозочни удари

Големо повеќегодишно истражување покажува дека несоницата (инсомнија) е многу опасна по здравјето, дека предизвикува срцеви и мозочни удари, како и дека кај жените тој ризик е малку поголем отколку кај мажите.

Студијата, која траела 30 години и следела 160.000 луѓе, утврдила дека лошиот сон, како и неговиот недостиг имаат катастрофални последици по здравјето.

Милиони луѓе се борат со несоница, а во Германија третина од популацијата страдаат од неа. Авторот на студијата Џиао Хе, од кинескиот Медицински Универзитет во Шангај, истакнува дека спиењето е една третина од човечкиот живот и дека сонот е важен за биолошко заздравување на организмот.

Во модерното општество се повеќе луѓе се жалат на несоница. Симптомите вклучуваат проблеми да се заспие, проблеми сонот да потрае, како и будење рано наутро.

Авторите на студијата, објавена во списанието „Европски журнал за превентивна кардиологија”, ги анализирале резултатите од големото истражување и утврдиле врска меѓу потешкотиите со спиењето и појавата на срцеви болести и мозочни удари.

Ризикот се зголемува од 11 до 27 отсто, но не е сосема сигурно што го предизвикува.

Претходни студии покажале дека инсомнијата може да го промени метаболизмот и функцијата на ендокрините жлезди, да ја зголеми симпатетичката активност на кардиоваскуларниот систем и да го зголеми срцевиот притисок.

Кај жените ризикот е малку поголем во однос на мажите. Но, разликите не се големи, па не може да се утврди дека несоницата е по опасна за жените, туку дека жените се повеќе склони на неа поради генетските разлики, хормоните, стресот и реакциите на стресот.