Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеНекогашниот товарен склад на Стара железничка ќе стане шестокатница

Некогашниот товарен склад на Стара железничка ќе стане шестокатница

Некогашниот товарен склад на Старата железничка станица на булеварот Македонија ќе се руши и на негово место ќе се гради нова станбена зграда со приземје, шест ката и поткровје. Идниот објект треба да се изгради на локацијата пред самиот влез на идната подземна траса на Јужниот булевар. Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) денеска го распиша огласот за изработка на проектна документација за новиот станбен објект, за која е планирано да се потрошат 6,3 милиони денари без вклучен ДДВ. Од АДСДП бараат во финалното решение да се применат рационални, современи и издржани решенија.

Градежната парцела е со површина од 1.953 метри квадратни, додека идното здание ќе има бруто развиена површина од 12.496 метри квадратни. Маркичката за градење е вцртана во ДУП-от за Јужен дел на централното градско подрачје донесен од Општина Центар. Товарното складиште во моментов претставува девастиран објект, со уништено хортикултурно уредување и простор што не е соодветно осветлен во текот на вечерните часови.