Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНеизвесност, се чека одлука на КХВ за документацијата на Балкан Петролеум

Неизвесност, се чека одлука на КХВ за документацијата на Балкан Петролеум

Нема комплетна документација за банкарската гаранција од Балкан Петролеум за преземањето на Макпетрол. Петар Стојановски, македонскиот претставник на фирмата основана пред 40 дена во Лондон во понеделникот тврдеше дека гаранцијата е издадена од швајцарската УБС банка. Комисијата за хартии од вредност засега молчи, се уште не се изјаснува дали проспектот за преземање на Макпетрол доставен до нив е комплетен и со валидна банкарска гаранција и кој всушност стои зад обидот за преземање.

Фирмата Балкан Петролеум холдинг лимитед е фирмата која ја достави понудата, нејзин сопственик е фирма формирана во мај на Кипар, а сопственици на кипарската компанија со основачки влог од по 500-тини евра се две компании регистрирани на Британските девствени острови, позната карипска оф-шор дестинација.

Експертите оценуваат дека и комисијата за хартии од вредност но и финансиското разузнавање треба да откријат кој е вистинскиот понудувач и дали во Македонија ќе се користат легални пари или пари стекнати со криминал.

– Доколку станува збор за одредена фирма која во друга земја влегла во одредени криминални дејанија, во одредени противзаконски дејанија, доколку за таа фирма се водат некакви постапки, управата е должна да го блокира тој процес на преземање на Макпетрол, бидејќи може да дојде до сериозни последици за македонската економија, вели Ване Цветанов.

– Тоа апсолутно не значи дека регулаторот на треба малку подлабински да навлезе во суштината на самиот понудувач. Треба да се бара одговор на прашањата кој стои за него, дали дејствува самостојно или заеднички со други поврзани лица. Ако е некоја ново формирана компанија, како што мислам дека е случајот сега, кои се основачите, дали тие се поврзани со некои други лица, која е тука природата на поврзаноста, изјави Марко Андонов, универзитетски професор. За УБС банката од Швајцарија која Балкан петролеум ја посочува како носител на банкарската гаранција се води истрага за перење на пари и за даночно затајување во Белгија, Франција и во САД.

Извор: telma.com.mk