Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНечев: Потребно вклучување на сите капацитети во спроведувањето на реформите

Нечев: Потребно вклучување на сите капацитети во спроведувањето на реформите

Во реформскиот процес треба да бидат вклучени сите што носат политички одлуки, без разлика на извештаите кои доаѓаат од ЕУ, изјави претставникот на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Јоханес Раи, на денешната прес-конференција посветена на почетокот на проектот за следење на спроведувањето на планот „3-6-9“.

– Перформансите на земјата не се доволни за да се премине во следната фаза во ЕУ-интеграциите. Потребно е да се спроведат реформите за земјата да се врати на патот кон ЕУ – рече Раи.

Зоран Нечев од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ рече дека е потребно вклучување на сите капацитети на земјата, а не само на администрацијата, во спроведувањето на реформите.

Тој најави дека покрај планот „3-6-9“, „Социетас цивилис“ и „Конрад Аденауер“ ќе ги следат и другите процеси што се важни за евроатлантската интеграција на земјата.

Во рамките на проектот ќе бидат подготвени три извештаи, кои ќе ги следат извештаите на Владата за реализација на планот „3-6-9“, ќе предлагаат како да се подобри имплементацијата и ќе нудат алтернативни мерки за реализација.

Во однос на првиот извештај на Владата, кој се однесува на тримесечниот период, од институтот даваат три препораки до власта, а тоа се транспаретност, целовитост и прецизност.

Вицепремиерот Бујар Османи рече дека планот ги рефлектира приоритетите на Владата да ја врати Република Македонија на евроатлантскиот пат.

– Минавме низ тешка криза која остави последици, како што се поларизираност на општеството, но и негативно влијаеше на меѓународниот углед на земјата – рече Османи, додавајќи дека Владата работи на отстранување на условената препорака од Европската комисија за почнување преговори за членство во ЕУ, но и на градење држава во која ќе се живее според европски вредности. Тој истакна дека планот „3-6-9“ не е само на Владата, туку на целото општество.

На новинарско прашање за вклученоста и за ангажираноста на ВМРО-ДПМНЕ во планот „3-6-9“, Османи рече дека побарал средба со претседателот на Националниот комитет за евроинтеграции, Никола Попоски, но дека сè уште нема добиено одговор.