HomeДЕНЕШНАПолитикаНе се применува Законот за заштита на укажувачите, нема политичка волја

Не се применува Законот за заштита на укажувачите, нема политичка волја

konferencija-zakon-za-zashtita-na-ukazhuvachite

Во Македонија веќе една година постои еден од најдобрите Закони за заштита на укажувачите, но во пракса не функционира, најмногу заради тоа што нема политичка волја, но и затоа што не се определуваат пари од Буџетот за негово спроведување.

„Законот за заштита на укажувачите е донесен во ноември 2015 година како резултат на политички процес. Не беше спроведен процес на консултација или поширока информираност на јавноста за тоа што значи донесувањето на овој закон. Би рекла дека беше донесен како противтежа на законот за заштита на приватноста и тоа е сигурно една од причините поради која не постои политичка волја за спроведување на овој закон. Иако веќе една година имаме закон, ниту една од надлежните институции не се погрижи овој закон да заживее. Два пати во меѓувреме се донесе буџетот, но не се обезбедија средства за соодветна примена на законот за тие институции коишто треба тоа да го направат, ниту, пак, кај нив постои некаква иницијатива“, рече Слаѓана Тасева, од Транспаренси интернешнал, на тркалезната маса во понеделник на тема „Законот за заштита на укажувачи и искуства и предизвици“.

Според неа, единствена иницијатива покажал приватниот сектор, стопанските комори, но смета дека тоа е така бидејќи поттикот дошол од заканата од казна. За нив, како и за јавниот сектор, постои санкција доколку не ги применат одредбите од овој закон, односно доколку не воспостават систем за применување или заштитено укажување, но инспекторот побрзо ќе казни сопственик на некоја фирма, отколку да го казни претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, којашто е најповикана да обезбеди заштитено надворешно пријавување и тоа да го уреди.

Во Народното правобранителство, велат дека немаат капацитет, дека немаат луѓе, немаат ресурси и дека имаат потешкотии во примена на овој закон.

„Во принцип, не се спроведува сѐ уште. Од она што интерно е направено тоа е запознавање на вработените во институцијата со обврските и она што значи во тековното работење доколку се појави лице коешто би сакало да направи одредено пријавување или да се повика на овој закон ништо повеќе не е направено, меѓутоа тоа останува како пропуст и на Народниот правобранител и на другите институции. Но, стојат и објективните околности, дека не се предвидени стредства за примена на законот“, вели Зоран Билбиловски од канцеларијата на Народниот правобранител.

Во МВР долго време имало отпор за спроведување на обврските од овој закон, а во минативе две три недели успеале да постигнат некаков договор барем да навлезат во темата да видат што е тоа што треба да се прави.

„Министерството за внатрешни работи веќе подготви нацрт-упатство за начинот за постапување за заштитено внатрешно и надворешно пријавување во МВР“, рече Дејан Андонов, од МВР, кој додаде дека очекуваат да биде прифатена од сите одделенија и да профункционира наскоро.

Во јавното обвинителство исто така, постои големо недоразбирање и конфузија за тоа како работата на јавното обвинителство ќе се одвои од работата по овие пријави, но од таму, денеска иако имаше покането гостин, никој не дојде.

Тасева смета дека граѓаните сѐ уште се оставени сами на себе и се соочуваат на пример со губење на работно место, доколку пријават случаи на незаконито однесување, а за тоа постои закон којшто создава обврска тие пријавувања да бидат заштитувани и да нема никаква последица.

„Ако законот е донесен во Собранието и институциите имаат обврска тоа да го спроведат, тогаш мораме одговорните во тие институции да ги повикаме на одговорност затоа што не си ја спровеле својата работна обврска“, додава таа.

Проектот е поддржан од Холандија, а како што рече амбасадорот Воутер Пломп, тоа го направиле бидејќи „ние сме убедени дека борбата против корупцијата е една од најважните прашања што земјите од Западен Балкан мора да ги решат на својот пат кон евроинтеграциите и токму тука организациите на граѓанскиот сектор и на независните медиуми и поединците играат витална улога“.

Макфакс

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com