Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНаскоро средба на преговарачките тимови на Македонија и на Грција за спорот за името

Наскоро средба на преговарачките тимови на Македонија и на Грција за спорот за името

Овој месец ќе има средба на ниво на преговарачките тимови и во оваа прва фаза нема да има посета на посредникот Метју Нимиц на регионот, изјави денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

На прашањето како ја коментира изјавата на заменик-помошникот на американскиот државен секретар, Хојт Ји, кој оцени дека расположението за решавање на спорот за името е досега на највисоко ниво, Димитров рече дека „покрај убави зборови, тој повеќе би сакал да има конструктивни ставови“.

– Факт е дека процесот беше во застој подолго време, бидејќи освен спорот за името постојат и други пречки во процесот на евроинтеграциите. Сега постојат сериозни напори земјата да ги отстрани тие пречки. Со новата политичка состојба, постои политичка волја и оптимизам тие да се надминат – рече Димитров.

Шефот на македонската дипломатија нагласи дека многу е поважно што се прави, отколку што се најавува. Тој рече дека во Солун, за време на средбата на шефовите на дипломатии на Македонија, Грција, Албанија и на Бугарија, имал билатерална средба со министерот за надворешни работи на Грција, Никоа Коѕиас, и дека договориле соработка на ниво на невладини организации, универзитети и на академици.

– Нашата политика е да им одземаме аргументи и причини на тие што би сакале блокадата на нашиот евроатлански пат да остане. Претходната надворешна политика даваше аргументи, а ние сме заинтересирани не само да не даваме аргументи, туку и да одземаме – додаде Димитров.