Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаНародниот правобранител незадоволен од условите – предлага затворање на 28 полициски станици

Народниот правобранител незадоволен од условите – предлага затворање на 28 полициски станици

Народниот правобранител, Иџет Мемти, денеска го презентираше годишниот извештај за состојбата во местата за лишување од слобода и рече дека во затворите состојбите се влошуваат од година во година, во полициските станици состојбата останува на исто ниво, додека во психијатриските установи се преземени активности за подобрување, но дека малку е постигнато.

Предлага затворање на 28 полициски станици, од вкупно 38 колку што постојат во Македонија. Причина се субстандардните услови во кои се држат притворените и затоа препорачува само кратко задржување во овие станици. Во работата на полициските станици, е забележано дека се приведуваат деца под 14 години, што е спротивно на Законот.
-Се приведуваат деца од улица или оние што се водат како исчезнати. Освен тоа, се приведуваат од припадници на полициската едница „Алфи“ – посочи Мемети.

Загрижувачка е, рече, појавата во воспитно-поправниот дом во Тетово каде се затекнати исклучително лоши услови во третманот со деца.
-Ги прашувам судиите, дали знаат каде ги праќаат децата – порача Мемети.
zatvoropsto
Во ходникот на едно скопско училиште, рече тој, било удрено дете од двајца полициски службеници. Откако била поднесена кривична пријава против полицајците, таткото информирал дека му се врши притисок да ја смени изјавата. Ова е една од појавите која најмногу го загрижува омбдусманот.

-И ние се прашуваме што барале полициските службеници во училиштето, затоа поднесовме кривични пријави. Не се исполнети стандардите на местата за задржување иако ни беше ветено дека ќе бидат реновирани. Заложбите остануваат само во плановите и само декларативно. Од 38 полициски станици, само десет ги исполнуваат минималните стандарди.

Препорачувам останатите 28 да се затворат или да се користат за краткорочен притвор. Откривме појава во полициските станици која треба да не загрижува – рече тој. Извештај презентира појави на тортура и други нехумани постапувања во местата за лишување од слобода. Овие сознанија му се презентирани и на министерот за внатрешни работи.

-И понатаму кај лицата лишени од слобода постои страв да кажат дека биле жртви на тортура. При посета на затворите констатиравме видливи повреди на лице кое издржува казна, а кои не биле внесени во неговиот здравствен картон. Не информираше дека е последица на постапување на службениците. Во текот на постапката жртвата ја смени изјавата дека повредите ги добил од други лица кои издржуваат казна – рече Мемети.

Оваа појава, посочи, ја отежнува работата на народниот правобранител да ги заштити жртвите. Во затворот во Идризово, посочи, стандардите се влошуваат, а тоа се должи меѓу другото и на изградбата на нов објект која е во процес. Но нова зграда не ги решава проблемите, а како пример го посочи затворот во Куманово каде, рече, нема услови за ресоцијализација.

Во психијатриските одделенија, вели народниот правобранител, има одделенија кои се под стандардите, а го издвои тука „судското одделение“. Мемети посочи дека за време на неговиот мандат, министерството за здравство ниту еднаш не одговорило на критиките и препораките во неговите извештаи, иако до сега се изработени вкупно седум.

За центрите за прифаќање на странци, Мемети рече дека е неопходно да се направат заложби за борбата против тортура, а не само декларативно да се третира проблемот. Народниот правобранител рече дека е веродостоен извештајот на експерскиот тим на ЕК предводен од Рајнхард Прибе каде се наведува дека во Македонија се прекршени фундаменталните човекови права.

Како крајни заклучоци порача дека е потребна институциите да почнат да ги имплементираат препораките, да бидат развиени механизми за заштита и да се охрабруваат лицата да ја пријавуваат тортурата и да инсистираат на казнување на сторителите.