Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНапаѓачот на Шекеринска се соочува со затворска казна и до 10 години

Напаѓачот на Шекеринска се соочува со затворска казна и до 10 години

Панче Ангелов кој на крвавиот четврток на 27 април во Собранието ја нападна Радмила Шекеринска вчера седна на обвинителната клупа. Неговиот адвокат, кој му е доделен по службена должност, рече дека обвинетиот го гледа првпат во судницата бидејќи немал ниту мобилен ниту фиксен телефон за да му се јави и правно да го советува и дека неговиот клиент е правно неук.

Јавното обвинителство претставувано од Наташа Гоџовска изјави дека Ангелов бил во првата група што влегла во Собранието, упаднала во прес-центарот и му се заканила на Зоран Заев. Потоа стигнал до Радмила Шекеринска, при што ѝ нанел тешки телесни повреди влечејќи ја за косата и со шише замавнал кон присутните пратеници.

Според Обвинителството, поведението на Ангелов предизвикало несигурност и страв кај присутните, а казната затвор за ова кривично дел е од три до 10 години.

Според медицинската документација, кај Шекеринска бил констатиран потрес на мозокот, а кај Зоран Заев ластерација и хематом на главата. Обвинителството располага со доказен материјал како видеозаписи од собраниските камери, документација од МВР, медицински извештаи и изјави од сведоци.

Судењето вчера беше одложено за 6 октомври за обвинетиот да биде правно поучен за последиците од признавањето на вината.