Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаНајтемниот момент на Балканот годинава беше 27 април во Собранието на Македонија, оцени Хојт Ји

Најтемниот момент на Балканот годинава беше 27 април во Собранието на Македонија, оцени Хојт Ји

„Балканот мора да порасне и тоа брзо, пред младата генерација целосно да дигне раце и да оди самата во Европа“, истакна министерот за надворешни работи, Никола Димитров на тркалезната маса на панел дискусијата посветена на мирот безбедноста и стабилноста во рамки на дванаесеттиот по ред традиционален Дубровник форум под наслов „Јадранско-медитеранската соработка и безбедноста во Југоисточна Европа“.

Во контекст на мигрантската криза Министерот додаде дека кризата нѐ научи важни лекции – ниту една држава не може да се справи сама со големи предизвици, потребно е координирана акција и заеднички одговор, особено превентивно делување во корените на проблемот.

И на домашен план, по внатрешно политичката криза во Република Македонија научивме важни лекции.

„Стабилноста, демократијата и правната држава одат заедно. Една држава не може да биде стабилна на долг рок ако има фрагилни институции. Стабилноста доаѓа од силни институции, владеење на првото, независно судство, економски просперитет, слободни медиуми. Новата реформска влада посветено работи да ја врти државата на европскиот пат“, додаде Димитров.

Меѓу панелистите беше и заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји. Тој потенцираше дека најтемниот момент на Балканот годинава беше 27. април во Собранието на Република Македонија, а најдобрата вест во целиот регион формирањето на новата реформска влада.

Како и во претходните години, и оваа година на Форумот беа дискутирани актуелните теми во Регионот, решавање на заедничките предизвици за безбедноста и стабилноста во Јадранско-медитеранската област. Исто така во фокусот на дискусиите на Форумот беше и меѓузависноста на состојбите на Блискиот Исток, Северна Африка и Европа, како и мобилноста и образованието на младите.

Министерот Димитров имаше посебна билатерална средба со Хојт Ји, на која беше потенцирана поддршката на САД за евроатлантските интеграции на Република Македонија.

Димитров настапи и на панелот посветен на младите и културниот дијалог, осврнувајќи се посебно на потребата на младата генерација да и се обезбеди вистинска перспектива.