Thursday, Mar 28, 2024
HomeИздвојувамеНајсилните ќе преживеат – Рецензија True Detective S02E4

Најсилните ќе преживеат – Рецензија True Detective S02E4

Најновата епизода од втората сезона на True Detective мораше да ги извади на површина сите судири кои се таложеа во првите три епизоди. Акција, неизвесност, се поголеми сплетки и избивање на површина на сите мистериозни заплети во позадина. Детективите за прв пат оваа сезона работеа заедно, принудени да внимаваат еден на друг, без оглед што доаѓаат од различни позиции и со различни наредби и агенди. Верните фанови конечно може да кажат дека гледаат одлично шоу со феноменални ликови полни со внатрешни демони и дилеми, справување со егзистенцијални прашања и рефлексија на прашања поврзани со опстанувањето, волјата за подобар живот и прифаќање на своите недостатоци.

true-detective-season-2-episode-4

Мотивите се најважни

Овој пат ќе започнеме со Френк Семјон кој прераснува во вистински негативец, не толку од познатото злобно клише, туку со вистински мотиви за доаѓање до врвот без оглед на методите и превземените ризици. Семјон претходната епизода ја покажа својата вистинска насилна природа, а овој пат го гледаме неговото методично враќање во подземјето на Калифорнија вадејќи го суровиот криминалец кој може да се пресмета со секого. Досега немаме големи забелешки за Винс Вон кој многумина се сомневаат дека не припаѓа на True Detective, но неговите перформанси се подобри во секоја епизода. Ако неговата поврзаност со Велкоро, корумпираниот детектив беше клучна, сега останува отворено прашањето кој е насочен против него и кои се гревовите кои треба да ги плати од минатото. Затоа неговата улога во расветлувањето на убиствата ќе биде возбудлива и очекуваме директно соочување со Велкоро.

semjon4

Битка со себе

Пол Вудру има се поголеми проблеми да се соочи со последиците од војната и ангажираноста на неговата единица во Авганистан станува интерес на медиумите кои бараат одговори за злоделата на платената војска. Неизбежно за Пол Вудру е враќањето со неговиот партнер и љубовник иако во пијана состојба, но најголемо изненадување следува со одбивањето на реалноста и враќањето кај неговата девојка која му открива дека е трудна, верувајќи дека на овој начин ќе ги реши сите негови дилеми иако е јасно дека тоа нема да биде така лесно. Неговата жед за борба и хаосот на војната во која самиот кажува дека најдобро знае како да функционира речиси пророшки ќе му се исполни.

vudru4

На трагите на мистеријата

Велкоро и Безерајдс се повеќе ги заслужуваат симпатиите на гледачите, овој пат влегувајќи многу подлабоко во истрагата и следењето на трагите кои водат кон мексиканска банда која се занимава со проституција и чудна поврзаност со секатата на таткото на Ени каде во минатото биле вклучени градоначалникот Честани, убиениот Каспер и нивниот пријател психијатар. Нивните откритија ќе ги доближат опасно до вистината за заговорот за убиството, но не секогаш во True Detective испаѓа очекуваното.

true-detective ray annie

Експлозивна акција и зачуденост

Сцените во четвртата епизода се динамични, брзи, со што се дава до знак дека темпото ќе се раздвижува, но самиот крај ќе ве остави буквално без здив. Обично четвртата епизода нуди многу акција, но овој пат Пицолато се надмина себеси со манијакалната пресметка на полицијата со мексиканската банда. Мртви тела насекаде, жртви во полицијата и цивилите, битка до последен куршум и сетоа тоа за навидум обичен претрес и налог за апсење. Детективите влегоа во опасна игра каде се плаќа највисоката цена, па повеќе не треба да ви откриваме, за сами да ја погледнете последната сцена од која понатаму може да следат само изненадувачки расплети. До следната епизода ве оставаме со True Detective и продолжете да не читате секоја недела.

true-detective-4

Автор
Христијан Станоевиќ