Saturday, Nov 28, 2020
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНајпогодените сектори од КОВИД-19 кризата очекуваат спроведување на сеопфатни мерки за поддршка

Најпогодените сектори од КОВИД-19 кризата очекуваат спроведување на сеопфатни мерки за поддршка

processed

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа инфо-сесија за трите најпогодени сектори од кризата предизвикана од КОВИД-19 – автомобилската индустрија, туризмот и угостителството и текстилната индустрија.

За попрецизно утврдување на состојбите во овие три сектори се спроведоа и три последователни студии по анализите кои беа направени во април на самите почетоци на кризата.  Ангажираните експерти преку темелно истражување овозможија поставување на насоки за тоа кои мерки им се неопходни на овие компании кои имаат големо учество во бруто домашниот производ (БДП) и вработуваат десетици илјади вработени.

Според резултатите од студиите, автомобилската, електро, металната и машинската индустрија полека закрепнуваат по огромните падови во првите два квартали од годината и до 80%, но сепак сценаријата за излез од кризата ќе зависат од глобалната состојба со пандемијата, како и со соодветните мерки за поддршка.

Darko Lazarov

„Во однос на мерките на владата, резултатите од направените интервјуа со претставниците на компаниите укажуваат на делумна поделеност во нивното мислење за тоа дали досегашните мерки беа доволни за справување со кризата, како и во делот на тоа дали истите биле користени од нивна страна.  Како позитивни мерки кои се посочуваат се субвенционирање на платите, обезбедување на поволни кредитни линии, намалување на увозните давачки за некои производи и некои други мерки за зголемување на конкурентноста во услови на криза.  Но она што се забележува и укажува од нивна страна е потребата од целосно спроведување на сите најавени мерки кои се во насока на поддршка на компаниите, особено извозно ориентираните компании“ посочи доц. д-р Дарко Лазаров од Универзитетот Гоце Делчев.

Компаниите од туризмот и угостителството, кои премногу зависат од состојбите со корона вирусот но и од повеќекратниот пролетен карантин, во третиот квартал забележаа мал пораст, но со најавените мерки за ограничување повторно ќе се соочат со пад на приходите, што влијае на зголемениот број на отпуштања во овие сектори.  Според резултатите од последователната студија неопходно е мерките да се насочат и кон преквалификација на дел од вработените и продолжена поддршка за компаниите.

Kristijan Gjambazovski

„Во услови на здравствена криза односно пандемијата со КОВИД-19 која предизвика нарушување на сите конститутивни елементи на туристичкиот пазар како резултат на што туристичко-угостителскиот сектор е еден од најпогодените, а можеби и најпогоден од пандемијата, се наоѓаме пред предизвик кој создава обврска високо квалитетен економски одговор од страна на државата. Според тоа и покрај досега превземените мерки, кои според испитаниците се оценети како делумно ефективни, потребни се системски решенија, продолжена поддршка на компаниите од секторот туризам и угостителство, мерки преку кои може да се сочуваат производните структури задржувајќи ја во кондиција туристичката понуда како еден од субјективните конститутивни елементи на туристичкиот пазар што би овозможило поволна позиција на меѓународниот пазар на туризмот. Конституирање на Комитет за туризам како владино тело од највисок ранг претставува потреба од највисок степен која ќе значи надминување на пречките за развој на туризмот особено во кризни ситуации, односно потврда на заложбите за развој на туризмот и воопшто економијата доколку го земеме во предвид потенцијалот на туризмот како индустрија која може да обезбеди повеќекратно повисоки приходи во буџетот од оној во 2019-та година“ изјави туризмолог д-р Кристијан Џамбазовски.

Текстилниот сектор повеќе не може да се потпира само на изработка на маски и заштитна опрема како во вториот квартал од годината кога изби пандемијата КОВИД-19.  Препораките од експертите, како и од погодените компании е овој сектор да се поддржи и понатаму.

Natasa Sivevska

„Крајот на третиот квартал покажа остварување на предвидувањата, односно драстичен пад на нарачките.  Компаниите во септември пријавија пад од неверојатни 50% на нови нарачки што ги стави во недоумица како понатаму да работат и како да се преструктуираат за да останат ликвидни.  Дел од компаниите заради неизвесноста од периодот кој следува, а воедно заради нејасно дефинирана содржина на најавените мерки се одлучија за намалување на бројот на вработени, иако беа свесни дека долгорочно тоа може да влијае негативно на понатамошните активности на компанијата.  И додека вториот и третиот пакет на мерки допре до текстилната гранка и голем дел од загрозените компаниите ги искористија субвенциите за да поделат плати на вработените, според изјавите на компаниите, новите пакет на мерки односно Законот за финансиска поддршка на плати речиси воопшто нема да биде корисен за текстилниот сектор“, изјави Наташа Сивевска, извршна директорка на ТТА – Текстилен кластер.

При подготовка на анализите беше спроведено истражување меѓу компании и институции за да се пронајдат соодветни решенија за надминување на кризата од КОВИД-19, вклучувајќи ги и меѓународните искуства. Заклучоците и препораките од студиите, како и директните предлози од бизнис секторот ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог за да се креираат мерки кои ќе ги ублажат последиците.

Оваа инфо-сесија се одржа во рамките на активностите на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, кој го спроведуваат Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори, со ЕПИ ЦЕНТАР како имплементатор, а со поддршка на УСАИД.