Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаНајавени протести поради работата на „Казандол“

Најавени протести поради работата на „Казандол“

Најавата дека инвеститорот на рудникот „Казандол“ денеска ќе почне со минирање ги вознемири жителите на Валандово и граѓанските активисти.

Активистите од „Спас за Валандово“ и граѓаните се прашаат дали нивниот граѓански отпор бил залуден, исто како и организираните референдуми. Најавуваат дека ваквите активности нема да бидат мирно прифатени од граѓаните на Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци и останатите засегнати места од регионот.

При средба со жители од Валандово, премиерот Зоран Заев вети дека изградбата на рудниците ќе запре, затоа што го загрозува здравјето на граѓаните, но и идните генерации од југоисточниот регион.

Неодамна и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, изјави дека не ја исклучува можноста за граѓанска непослушност доколку продолжи изградбата, бидејќи, како што самиот кажа, тој бил дел од граѓанските иницијативи против овие рудници уште од самиот почеток.

Минатата недела се одржаа два паралелни протести за спас на југоисточниот регион и тоа еден во Валандово и уште еден пред Владата во Скопје.