Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаНаезда на бели пеперутки во Охрид – забележани повеќе случаи на алергија

Наезда на бели пеперутки во Охрид – забележани повеќе случаи на алергија

Роеви од бели пеперутки навечер се забележуваат околу светилките во Охрид. Според биолозите, се работи за ноќна пеперутка од видот „Euproctis chrysorrhoea”, која ја има во Охрид и Македонија и дека најверојатно оваа година дошло до нејзино пренамножување.

Веќе има повеќе случаи на каснувања, односно контакт со овие пеперутки, при што граѓани побарале лекарска помош. Крилјата на овие пеперутки имаат остри иглички со прав што дејствува иритирачки на кожата. Пеперутките, кои наликуваат и на молци со гигантски димензии, најмногу се појавуваат во ноќните часови, околу уличното осветлување. Нивната појава е сезонска, односно од почетокот на јули до средината на август.

Директорот на Центарот за јавно здравје од Охрид Атанаско Михаилов информира дека викендов, односно во петок, сабота и недела ќе се врши дезинсекција. Станува збор за прскање од земја против комарци и пеперутки. За оваа акција стапивме во контакт со Ветеринарниот институт и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со кои се конултиравме како најефикасно да ја спроведеме акцијата. Запрашувањето ќе се врши на два начина, со амортизер со подвижно возило и со моторни пумпи, изјави Михаилов.