Thursday, Mar 28, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈТенисНадал: Новак е голем проблем, јас сум поголем

Надал: Новак е голем проблем, јас сум поголем

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал даде интересно интервју пред почетокот на новата сезона во кое истакна дека Новак Ѓоковиќ и понатаму ќе претставува голем проблем за сите тенисери. Надал и Ѓоковиќ сезоната ќе ја започнат на исти турнир, во Доха, а во интервјуто кое го даде Надал покрај Ѓоковиќ коментираше и за својот ривал Роџер Федерер. ,,Убеден сум дека можам да се вратам на своето најдобро ниво. Ѓоковиќ е голем проблем, не само за мене туку за сите. Федерер секогаш воодушевува со своите одлични игри. Но, вистински проблем е Надал. Доколку успеам да се вратам во своето најдобро издание после толку повреди кои ги имав последните години, ќе можам да се борам со сите. Тогаш јас ќе преставувам проблем за Новак и за сите останати”, изјави Надал.

Минатата сезона Надал доживеа пораз во сите меѓусебни дуели против Ѓоковиќ- во Монте Карло, Ролан Гарос и Пекинг. Шпанецот истакна дека напорната работа е клуч да освои уште некој Грен слем. ,,Работа и само работа. Не застанав ниту еден ден последните неколку месеци за да стигнам до нивото кое би ми овозможило да остварувам добри резултати на големите турнири. Многу е важно што гледам подобрување, од ден во ден се чувствувам подобро, самодовербата ми расте, а тоа е најважно. Наскоро ќе можам да одиграм долги размени на удари на високо ниво”, заклучи Надал.