Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаНад 200 кактуси го красат дворот на граѓанин од Штип

Над 200 кактуси го красат дворот на граѓанин од Штип

Штипјанецот Васил Димитриевски е најголемиот колекцинер на кактуси во источниот  регион. Неговиот двор го красат над 200 различни видови на кактуси, кои ги купувал или ги добивал на подарок од своите роднини и пријатели, од сите страни на светот. Пред повеќе од 25 години, првиот кактус го добил од поранешен колега, како поздрав за неговата сопруга.

– Како што гледате до ден денес колекцијата на кактуси ја зголемувам. Имам над 200 вида на кактуси инаку по број се повеќе, бидејќи од еден исти вид имаме повеќе. Ние, кактусарите ги размножуваме, така да мораме да ги даваме на други, за сепак да не ни загине самиот вид. Може да се случе во екстремни зимни услови при мала температура надвор да дојде до нивно измрзнување. Знаеме дека сепак тие живеат во пустински предели, вели Димитриевски.

Највисокиот кактус во неговиот двор достигнал над два метри, а се очекува да достигне и над три метри.

– Најстариот кактус ми е над 25 години и грижливо го чувам. Имам намера во наредните години да го подарам некаде каде што има доволно простор во висина, каде што ќе се сместе, бидејќи кај мене дома во собите веќе нема простор, односно е нисоко и не го собира, рече Димитриевски.

Семејството Димитриевски кактусите не ги продава, туку ги подаруваат на пријатили и на оние кои сакаат да ги одгледуваат овие видови на цвеќиња.  Васил забележува дека кактусите можат и да се калемат, односно да се мешаат видовите.

Самиот тој со калемење има создадено нови видови на кактуси. Ова хоби и љубов кон кактусите го прави дворот на Димитриевски поразличен од останатите. Некои од нив веќе ги покажале своите цветови, ги има во сите бои. Кактусарот Васил е пензионер, а својот работен век го поминал во СВР-Штип. Смета дека овие цвеќиња даваат многу љубов, затоа и според него секој дом треба да има по неколку кактуси.

извор: МИА