Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАСветНад 19 милиони лица во светот морале да ги напуштат своите домови заради стихии

Над 19 милиони лица во светот морале да ги напуштат своите домови заради стихии

Вкупно 19,3 милиони лица низ светот во 2014 година биле принудени да го напуштат својот дом заради природни стихии, покажува извештајот на Центарот за мониторинг на внатрешната миграција на Норвешкиот совет за бегалци (НСБ),

 

Според експертите, во последните седум години просечно еден човек на секоја секунда бил принуден да се пресели како резултат на природните стихии, главно заради екстремни метеоролошки појави и земјотреси.

Генералниот секретар на НСБ, Јан Егеланд, забележува дека принудното преселување на милиони луѓе годишно заради стихии најчесто е „последица на лошите структури создадени од човекот и на лошата политика“.

-Поплавата сама по себе не е несреќа, но катастрофалните последици настапуваат кога луѓето не се подготвени за неа или не се заштитени, забележа тој.

Според експертите од Центарот за мониторинг, во иднина се повеќе луѓе ќе бидат принудени да го напуштат својот дом заради природни несреќи, а ситуацијата дополнително ќе се усложнува заради климатските промени, бидејќи катаклизмите ќе стануваат се почести и поинтензивни.

По анализата на 34 случаи на масовно преселување во последните децении, експертите утврдиле дека денеска ризикот од вакви ситуации е за 60 проценти поголем отколку пред 40 години.

Освен тоа, проблемот може да ги зафати како сиромашните, така и богатите земји. Во САД и сега помош очекуваат 56.000 лица, кои настрадаа при ураганот Санди во 2012 година. Се уште не се обебзедени станови за 230.000 Јапонци, кои го напуштија својот дом по земјотресот, брановите цунами и хаваријата во АЕЦ „Фукушима“ во 2011 година, подвлекуваат авторите на извештајот.