Thursday, Apr 18, 2024
HomeАЈНШТАЈНИЈААтласНад 13.000 Македонци живеат во модерно ропство

Над 13.000 Македонци живеат во модерно ропство

Околу 46 милиони луѓе во светот живеат во ропство, а најголем е нивниот број во Индија, но најмасовен е феноменот во Северна Кореја, покажува денеска објавениот трет извештај „Светски индекс на ропството“ (Global Slavery Index), цитиран од агенцијата Ројтерс.

Индексот се изработува од набљудувачка група Walk Free Foundation со седиште во Австралија. Тој покажува дека бројот на луѓето родени во ропство, претворени во секс-робови, ставени во ропска зависност поради долгови или подложени на принудна работа се зголемија на 45,8 милиони, откако во 2014 година биле околу 35,8 милиони.

Основачот на групата, Ендрју Форест забележува дека зголемувањето од речиси 30% се должи на подобреното собирање на податоци, но изразува загриженост дека ситуацијата се влошува поради глобалната миграција, која ги прави луѓето поподложни за секакви форми на ропство.

Форми на ропство се набљудуваат во сите 167 земји во индексот, но Индија е земја со најголем број на робови – околу 18,4 милиони при население од 1,3 милијарди лица.

Според извештајот, во Македонија има 13.300 робови. Од земјите во регионот, во Србија има 28.700, во Бугарија 29.000, а во Хрватска 17.100. Во Грција, пак, има 44.200 робови.

Северна Кореја сепак предводи на катастрофалната статистика по концентрација на феноменот – еден од 20 Севернокорејци, што е 4,4% од 25-милионското нејзиното население, живее во ропство.