Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаНа Онкологија нема лек за пациентите со рак на коски

На Онкологија нема лек за пациентите со рак на коски

Клиниката за радиотерапија и онкологија неделава остана без лек за пациенти со метастази на коските – пренесува СДК.мк. Дел од пациентите преку социјалните мрежи ги предупредуваа другите болни воопшто да не трошат време и пари да одат на Онкологија, оти го нема лекот „зомета“. Овој лек се користи за да се намали разградувањето на калциумот од коските и најчесто се дава на пациенти со рак на коски, или метастази на коски.

„Немаме ‘зомета’ веќе два дена, а кога ќе имаме не знаеме. Има еден лек кој е замена, но тој го нема посакуваниот ефект во лекувањето“, велат лекари од Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Тие објаснуваат дека речиси секоја недела снемува одреден лек, а новите количини што ќе ги добијат се други лекови што се користат како замена.

„Не може на пациентите постојано да им ја менуваме терапијата, особено онаа која има добри ефекти само затоа што одреден лек нема. Зошто се случува ова не знаеме“, велат од Клиниката за онкологија.
Д-р Милан Ристевски, директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија не беше достапен да одговори зошто нема од лекот за коски, односно не одговори на телефонските повици.

Оваа Клиника и лани ова време се соочи со недостиг од одредени цитостатици и лекови за малигноболните, бидејќи доцнеше тендерската постапка на нивна набавка. Тогаш Ристевски објасни дека распишувањето на набавката доцнела, бидејќи доцнел изборот на нов Управен одбор на клиниката, кој треба да ги одобри набавките, а потоа тендерот заглави и на одобрување во Советот за јавни набавки.