Thursday, Mar 28, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРФилмНа ,,Охридско лето" се одбележуваат 60 години од првата улога на Емил Рубен

На ,,Охридско лето" се одбележуваат 60 години од првата улога на Емил Рубен

,,Малиот човек” , ,,Истрел” и ,,Трето полувреме” се филмовите преку кои денеска на 55 издание на ,,Охридско лето” ќе бидат одбележани 60 години од првата филмска улога на Емил Рубен, еден од  од бардовите на македонското филмско и тетарско актерство.

Рубен, роден во Скопје 1948 година, е инфициран од филмот и театарот од најраното детство. Во 1954 година е одбран да ја одигра улогата на Жарко во филмот Тие двајцата на Жорж Скригин. Филмот се појавува во 1955 година, пред цели 60 години. Две години подоцна добил две главни улоги, во долгометражниот Малиот човек на Жика Чукулиќ и во краткометражниот Бунт на куклите на Димитрие Османли.

Пред камерата покажал дека носи изворен талент за филмска глума. До својата четиринаесетта година игра во шест филмови на режисерите Жорж Скригин, Столе Јанковиќ, Здравко Велимировиќ, Радош Новаковиќ, Жика Чукулиќ и Рули Османли.

Прв контакт со театарот е учеството во претставата „Чичко Томината Колиба“, како гостин, изведена од учениците на старата Учителска школа, т.н. „Идадија“, во 1960 година. Професионално почнува да се занимава со театар во 1966/67 година, играјќи во претставата на МНТ – „Случајот во Виши“ во режија на Димитар Ќостаров.

Рубен се школува во Скопје и Загреб. Во 1971 година дипломирал на Академијата за филм и театар во Загреб од кога работи како актер во Македонскиот народен театар во Скопје. Тој е еден од ретките македонски филмски актери кој уште од своите најмлади години имал можност да снима со актерите Миливоје Живановиќ, Мира Ступица, Бранко Плеша, Раде Марковиќ, а подоцна, во својата професионална кариера и со Ристо Шишков, Мадлен Жобер, Илија Џувалековски,… Денес, плејади помлади актери играат со него, како тој некогаш.

Во 2001 година Рубен ја доби наградата на град Скопје „13 Ноември“.