Saturday, Apr 20, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈТенисНа денешен ден пред шест години двајца играчи го променија тенисот

На денешен ден пред шест години двајца играчи го променија тенисот

На денешен ден пред шест години е завршен најдолгиот натпревар во историјата на тенисот, велиме завршен бидејќи започна два дена порано. Во историјата на тенисот како играчи кои учествуваа во најдолгата средба влегоа Американецот Џон Иснер и Французинот Николас Мау. После 11 часа и 5 минути игра за период од три дена, Иснер славеше со резултат од 6:4, 3:6, 6:7, 7:6, 70:68.

Мечот започна во 18:18 часот во вторникот 22 јуни 2010 година, а беше прекинат поради мрак при резултат од 2:2 во сетови. Дури ни тогаш ништо не наговестуваше дека ќе бидеме сведоци на голем историски натпревар. Наредниот ден се вратија на теренот во 14:05, започна петиот сет, се играше, но крајот се чинеше дека е многу далеку.

Гледачите не можеа да поверуваат што гледаат на семафорот следејќи го резултатот, брејкови немаше, а во 17:45 мечот и официјално беше прогласен за најдолг во историјата и тоа при резултат 32:32.

Тенис

Се уште не бевме ниту близу до крајот, дури и семафорот се расипа при резултат 47:47, а играта по втор пат беше прекината при резултат од 59:59. Конечно, на 24 јуни во 15:40 натпреварот почна повторно, се играше уште 67 минути за Иснер конечно да дојде до победа и нереални 70:68 во петиот сет.

„Кога заминував од теренот, навистина мислев дека се работи за сон, бев потполно изгубен и не мислев дека е возможно дека се случило вакво нешто“, изјави Иснер после големиот триумф.

Тенис 2

Последниот сет траеше цели осум часа и 11 минути. „Само сервирав и се обидував да направам винер со помош на форхенд. Бев толку многу уморен, неможев да се концентрирам не бев свесен низ што поминувам. Веќе не го ни следев резултатот, после 25:25 заборавив на резултатот“, даде Иснер.