Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаМЗ:Бремените жени,хроничните болни и лицата на возраст на 60 години остануваат ослободени од работни обврски до 4 Август

МЗ:Бремените жени,хроничните болни и лицата на возраст на 60 години остануваат ослободени од работни обврски до 4 Август

 

Министерството за здравство соопшти дека до 4 август ќе продолжат да важат препораки за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, како и препораките да се избегнува вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот.

Министерството за здравство потсетува на општите препораки за заштита од високите температури, согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови:

– Во текот на екстремно топли денови, се препорачува престој во затворени климатизирани простории, а при неопходен престој на отворено, да се овозможат почести одмори под сенка.

– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце и заштитни очила и капа. При сончање се препорачува да се користи крем со висок заштитен фактор.

– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.

– Да се внесуваат големи количества течности (најдобро обична вода за пиење),  а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.

– При влегување во возило, потребно е одреден период да се проветри возилото.

– Хронично болните лица треба редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба, како и термичка подготовка на храната. Се препорачува и да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.

Министерството потсетува и дека во сите градови низ државата се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот

Од министерството наведува дека во претстојниот период континуирано ќе се следи состојбата и ќе се преземаат соодветни мерки според временските состојби.