Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМВР ја проверува агенцијата за обезбедување за поврзаност со убиството на Јанушев

МВР ја проверува агенцијата за обезбедување за поврзаност со убиството на Јанушев

Едно лице е убиецот на 28-годишниот Мартин Јанушев, во кого беше пукано минатиот петок во скопската населба Аеродром, соопшти министерот Оливер Спасовски на денешниот брифинг со новинарите.

Тој потврди дека има напредок во истрагата, а досега се сослушани 35 лица. Според шпекулациите кои излегоа во јавноста, убиецот се крие во Србија, но министерот Спасовски изјавил дека постои сомнеж тој да е сè уште во државата.

Според првичните сознанија, убиениот и убиецот имале лични недоразбирања.

„Во СВР Скопје е формиран посебен штаб кој работи на расветлување на настанот. Имаме голем напредок и работиме заедно и по налог на јавното обвинителство. Обезбедени се сведоци и распрашани се многу луѓе. Исто така, обезбедени се и снимки од околните објекти. Се работи за едно лице кое го извршило убиството, а првичните сознанија се дека имале лично недоразбирање“, рече министерот.

Спасовски не сакал да одговори на прашањето дали зад убиството стои и нарачател, но додава дека на местото на настанот е пронајдено и оружјето.

Во моментот се проверува и работата на една агенција за обезбедување, која според некои шпекулации е поврзана со убиството.

„Се прават проверки и на агенцијата за да се види дали има некаква поврзаност со убиството“, истакна Спасовски, кој додаде дека се вршат сериозни проверки на сите агенции за обезбедување.