Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМТСП: Работодавците да ги почитуваат препораките за заштита од топлото време

МТСП: Работодавците да ги почитуваат препораките за заштита од топлото време

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денеска ги повика работодавците да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките за заштита на работниците во деновите со неповолни временски услови за работа, односно од топлотниот бран кој ја зафати земјава.

На работодавците, како што стои во соопштението од МТСП, им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Од Министерството информираат дека Државниот инспекторат за труд, во текот на овој викенд ќе работи со дежурни екипи од 30 инспектори. Прекршувањата на препораките може да се пријават на телефонскиот број 075 402 856, додаваат од МТСП.

„Потсетуваме дека согласно акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз населението во Република Македонија, а со цел заштита на здравјето на луѓето, се препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години“, стои во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Министерството за здравство, исто така, препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на деца (детските градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.