Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАСветМртва трка за вакцина помеѓу големите

Мртва трка за вакцина помеѓу големите

Како во времето на „најладните денови од Студената војна“, кога во биполарно поделениот блоковски свет, суперсилите САД и СССР се натпреварувале во трката за наоружување и денеска големите и моќни сили и држави се натпреваруваат кој прв  ќе дојде во вакцината за Ковид-19 вирусот. Светската пандемија од „непознатиот непријател“, отвори нови фронтови за докажување меѓу САД, Кина, Русија, но и земји како  Турција, Норвешка, Велика Британија. Научно-истражувачки центри, се во мртва трка кој прв ќе му го претстави на светот спасот и излезното решение за кризата во која се наоѓа целата планета.

 

Русите се пофалија први со „ Спутник 5“на генерирачкото име на првата регистрирана вакцина против Ковид-19, по аналогија на првиот вештачки лансиран сателит на Земјата во 1957 година. Рускиот претседател Владимир Путин објави дека во Русија е регистрирана првата  вакцина во светот за превенција од Ковид-19, изработена од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеј“, во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции. Исто така, најмоќниот Русин, со јавноста сподели дека и неговата ќерка е вакцинирана и дека два дена имала температура, но веќе се чувствува добро и нема потреба од грижа од заразата во наредните една до две години.

 

Дали ќе почне „војна на силите“ со која ќе се обвинуваат чија вакцина е поквалитетна и е со подобри гаранција, а која е неквалитетна со неиспитано потекло, е само прашање на време. Во нетрпеливоста на најмоќните држави, пак на крајот ќе страдаат милиони луѓе, ширум светот кои во страв и нетрпение го чекаат излезот од светските здравствени власти. Министерот за здравство Венко Филипче, потенцираше дека нашата држава ќе купува и увезува вакцини кои ќе бидат потврдени само и исклучиво од Светската здравствена организација. Македонија по глава на жител, е една од најзаразените земји на европскиот континент со преку 6.000 заразени потврдени случаи на 1 милион жители, и со преку 270 починати граѓани.