Thursday, Apr 25, 2024
HomeРЕФЛЕКТОРМедиумиМРТ со етички кодекс внатрешно ќе се реформира

МРТ со етички кодекс внатрешно ќе се реформира

Во пресрет на политичкиот договор за либерализација на медиумите, предвиден со договорт од Пржино за чија реализација сеуште преговараат работните групи за медиуми на политичките партии во Клубот на Пратениците во Скопје, МРТ денеска издаде „етички кодекс“ за известување и работа.

Етичкиот кодекс кој, како што велат од Јавниот сервис бил подготвуван со години, денеска конечно беше ставен на маса, а за него дебатираа раководството на јавниот сервис, новинарите, снимателите, здруженијата на новинари и Агенцијата за аудио и визуелни услуги.

Според одредбите, не е дозволена едностраност во прилозите или емисиите – ќе мора да се почитува правилото што е „оче наш“ во новинарството, односно „другата страна“

Со Eтичкиот кодекс составен од 85 члена на МРТ, која треба да се реформира по острите критики за партизираност од страна на јавноста,се утврдуваат насоките за професионално и одговорно работно однесување и работење на вработените во МРТ, како и за професионалните стандарди и етички начела најповеќе околу создавањето на програмата и другите аудиовизуелни дела.

Новинарите отсега ќе мора да водат сметка да бидат независни во својата работа од политички, владејачки, бизнис и други интереси коишто би можеле да влијаат на нивната објективност и ќе мора да одбегнуваат ситуации коишто би можеле да остават впечаток на нивна пристрасност.

Информациите кои ќе се пренесуваат мора да се состојат од факти чијашто точност е проверена, а недвосмисленоста е потврдена пред емитување. Со кодексот не се дозволени информации и одредени изрази како „се зборува“, „сме слушнале дека“, „зборуваат“, „некои тврдат“ и слично. Не е дозволена ниту едностраноста во прилозите или емисиите – мора да се почитува правилото да се чуе „другата страна“.

Во парламентарните известувања мора рамномерно да се изнесуваат ставовите и на власта и на опозицијата, а во информативните програми, особено во дневно-информативните емисии и во неделните политички емисии, еднакво да се следат и власта и опозицијата.

Сите уредници и новинари на МРТ мора да имаат јасна професионална дистанца кон сите носители и инструменти на власта за да не го загрозат интегритетот на јавното радиодифузно претпријатие во кое работат.

Уредник не смее да менува снимен прилог или снимена емисија без знаење на новинарот. Тој не смее да му нареди на авторот или на новинарот под свое име да подготви или да чита текст кој во целост или делумно не го напишал.

Вака изгледаат само дел од предвидените одредби кои се пропишани во кодексот за професионално и одговорно работно однесување, а ги претстави актуелниот директор на првиот програмски сервис Диме Ратајковски.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, главно го поддржа донесувањето на Етичкиот кодекс, но истакна и неколку забелешки, како на пример, немањето јасна поделба меѓу етиката и дисциплината. Според него, не може етичката комисија да одлучува за доцнење на работа. Селмани ги повтори ставовите на ЗНМ дека за успешен јавен сервис потребни се стабилно финансирање, независен програмски сервис, редефинирање на функцијата директор. За да се избегне влијанието на партиите, ЗНМ бара во овој Совет мнозинството да бидат претставници на граѓанскиот сектор. ЗНМ категорично ќе се бори партиите да немаат решавачки збор.

Од МАН исто така го поддржаа кодексот и најавија дека забелешките што ќе ги достават се однесувале на обврските и одговорностите на уредниците и новинарите.

Директорот на МРТ, Марјан Цветковски, рече дека пред одржувањето на парламентарните избори во април 2016 година новинарите од информативната програма ќе посетат обука од телевизиската куќа Би-Би-Си, која се однесува на покривање избори и изборна кампања.

Во Клубот на пратениците и денеска продолжија преговорите на работните групи на партиите за медиумските реформи. Како и вчера, така и денеска се преговара за прашањето на државното рекламирање од јавен интерес во медиумите.


Н.С