Thursday, Apr 18, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈОстанатиМостар е следниот домаќин на екстремните скокови

Мостар е следниот домаќин на екстремните скокови

Мостар е домаќин на шестата станица во 2015 година од светската серија Ред Булл Цлифф Дивинг, настан што претендира да биде дел од богатата историја и ќе се одржи на 15 август оваа година. Светската елита претставувана од 14 најдобри скокачи од карпи за првпат во постоењето на светската серија ќе се натпреварува во Мостар, на познатиот „Стари мост“ каде што скоковите од екстремно големи височини претставуваат традиција стара четири и пол века.

Првите скокови од мостот датираат од 1664 година, додека првото натпреварување е одржано во 1968 година. На 15 август оваа година Британецот Гери Хант ќе го изведе својот акробатски скок од 27 метри високата платформа за да продолжи да го следи сонот за остварување на перфектна сезона, односно да стигне до шестата победа во низа од шест настапи од 2015 година.

На последниот настан одржан на архипелагот во Атлантскиот океан познат како Азорски острови, покрај Хант имаше две нови лица на подиумот за оваа година воедно со најтесна разлика во бодовите за првото и второто место. Се очекува скокачите во Босна и Херцеговина да бидат пречекани од навивачи кои се фанатици за овој спорт.
skokovi2-615x400Иако 31-годишниот Гери Хант е најдоминантен со своите пет победи во низа оваа година, натпреварот за место на подиумот сега е проширен со уште двајца скокачи, а речиси целата нуркачка елита е во полна форма. Мексиканецот Џонатан Паредес е новата ѕвезда во подем, додека Енди Џонс од САД господари со моториката на движења во воздухот, но обајцата се доближија во борбата за врвот веднаш до легендарниот Колумбиец Орландо Дуке и поранешниот олимписки скокач Блејк Олдриџ.

Меѓу оние кои годинава се нашле на подиумот се и имињата на Русинот Артем Силченко и Американецот Дејвид Колтури, кои во заострената конкуренција ќе мораат да се борат за што подобри резултати во финишот, бидејќи само најдобрите пет на табелата автоматски ќе се квалификуваат за настап во 2016 година. Сите тие ќе се натпреваруваат со своите скокови што ги изведуваат од височина која е трипати поголема од класичната
олимписка дисциплина.

Покрај десетте скокачи коишто имаат договор за настап во целата сезона, на секој настан организаторите канат по четири спортисти за настап со „вајлд карта“, а на последното натпреварување во Португалија тројца од нив завршија меѓу првите осум. Анатолиј Шаботенко од Украина и Серхио Гузман од Мексико се пласираа на седмото и осмото место во скоковите од вулканските карпи, а сега доаѓаат и во Мостар заедно со Бугаринот Тодор Спасов и уште еден Мексиканец Хорхе Ферзули. Мошне комплексните маневри ќе бидат оценувани од судискиот панел составен од петмина интернационални судии, меѓу кои е и поранешниот врвен руски скокач Дмитри Саутин.

Овековечен во знамето и грбот на градот, испакнатиот мост е центар на животот на градот од својата конструкција во 16 век. Препознатливиот „Стари мост“ е место каде што младите момчиња од Мостар ја докажуваат својата храброст како еден вид на тест на зрелоста, а таквата традиција поврзана со нуркачките предизвици е стара 450 години. Подеднакво препознатлива како мостот е сликата на нуркач кој лета низ воздухот кон брзите и студени води на реката Неретва.

Грациозниот лак на мостот над тиркизните води на Неретва ги поврзува двата дела од стариот град во Мостар, којшто има кули од двете страни на тврдината кои ссовршено се вклопуваат во пејзажот, создавајќи импресивна глетка. Мостот заедно со стариот град околу него е под заштита на УНЕСКО и често се наведува како еден од најубавите мостови на светот.

За време на воениот конфликт во Босна и Херцеговина мостот беше уништен, но потоа беше реконструиран со помош на оригиналните камени блокови коишто беа извадени од реката. Мостот во денешната форма со само еден лак во своето подножје беше инаугуриран токму со натпревар во скокови одржан во 2004 година, а за првпат во својот долг век ќе биде и арена за натпреварите од светската серија на Red Bull Cliff Diving.