Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитика„Мост“ со низа препораки за реформа во избирачкиот процес

„Мост“ со низа препораки за реформа во избирачкиот процес

„Мост“ граѓанската асоцијација која ги следи изборите во земјава, денеска на прес конференција ги соопшти препораките за реформа на изборниот процес. Во работниот документ, „Мост“ препорачува да се извршат промени во секој сегмент од изборниот процес.

* Да се разгледа можноста за воведување на модел со отворени листи, каде освен за политичкиот субјект ќе може да се гласа и за кандидатите од листата. Пропорционалниот изборен систем со отворени листи на граѓаните им дава можност покрај гласот кој го даваат за политичката партија да гласаат и за поединечните кандидати од листата на таа партија. Со тоа тие можат директно да влијаат на распоредот на кандидати на листата предложен од политичките партии.

– Комбинирање на придобивките и на мнозинскиот и на пропорционалниот изборен систем.
– Кандидатите ќе бидат помотивирани во исполнувањето на ветувањата на граѓаните
– Точно лоцирање на одговорноста
– Зголемување на внатрепартиската демократија
– Кандидирање на поквалитетни кандидати и кандидати од сите области и слоеви на општеството
– Зголемување на одѕивот и зголемување на бројот на гласови кои партиите може да ги освојат

ГЛАСАЊЕ ВО СТРАНСТВО
* Да се ревидира системот за гласање во странство, со оглед на нееднаквата можност за остварување на правото на глас и нееднаквоста на гласот во РМ и во странство.
* Гласањето во странство да се суспендира за следните избори, а потоа да се отвори широка дебата за сите негови аспекти, со цел изнаоѓање на најсоодветните решенија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА
* Да се преиспита начинот на предлагање и избор на членовите на ДИК, со оглед на тоа што тој има негативно влијание врз работата и донесените одлуки на овој орган.
* ДИК да биде конзистентна во носењето на одлуките и да реагира во сите случаи кога постои прекршување на одредбите од Изборниот законик и другите закони поврзани со изборниот процес.

МОСТ се надева дека конечно ќе започне да се гради одржлив систем кој ќе биде во интерес на институциите, процесите и граѓаните.
* Да се појаснат одредбите во Изборниот законик во врска со изборот на членовите на ДИК.
* Да се елиминира можноста членовите на изборните органи да гласаат воздржано.

ИЗБИРАЧКИ СПИСОК
* Да се изврши детална теренска проверка на податоците во Избирачкиот список, во согласност со заклучоците на Работната група за проверка на Избирачкиот список.
* Да се разгледаат алтернативни решенија за ажурирање и водење на Избирачкиот список, како на пример активна регистрација на гласачи.
* Да се разгледа можноста Избирачкиот список да се направи подостапен за јавноста со соодветна заштита на личните податоци на граѓаните.
* ДИК да ги надмине административните и техничките предизвици и да објавува сеопфатни информации за резултатите од јавниот увид во Избирачкиот список.

ИЗБОРНА КАМПАЊА
* Да се регулира кои дејствија се дозволени во периодот од распишувањето на изборите до потврдувањето на кандидатските листи.

ФИНАНСИРАЊЕ НА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА
* Да се предвиди рок во кој треба да се затворат финансиските сметки за изборната кампања затоа што непостоењето на ваков рок може да создаде проблеми при ревизијата на финансиските извештаи.
* Да се преиспита можноста медиумите да даваат донации за политичките партии преку овозможување на попусти во платеното политичко рекламирање, затоа што на овој начин се заобиколува правото на учесниците во изборниот процес на рамномерен пристап во платеното политичко рекламирање.
* Да се воведе одредба со која ќе се предвиди дека стоките и услугите коишто се фактурирани, а до денот на поднесувањето на конечниот финансиски извештај не се наплатени, ќе се сметаат за донација.

ЗАШТИТА НА ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО
* Постапката на одлучување по приговорите треба да содржи јасни стандарди кои ќе претставуваат основа за решавање по приговорите.
* Да се вратат одредбите во членовите 159-161 од Кривичниот законик кои предвидуваа дека обидот за извршување на кривични дела против изборите и гласањето е казнив.

Препораки за реформа во изборниот процес/Препораки за прес