Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМОН: ВМРО-ДПМНЕ предизвикува вештачки кризи во образованието

МОН: ВМРО-ДПМНЕ предизвикува вештачки кризи во образованието

ВМРО-ДПМНЕ манипулира со бројки на учебници кои недостигаат, а дали за тој број на учебници им се оштетени нивните бизнис-интереси, само тие си знаат, велат од Министерството за образование и наука (МОН) на изјавата од ВМРО-ДПМНЕ во врска со недостигот од учебници во основните училишта.

„Потсетуваме дека во согласност со законските норми, учебниците се чуваат и се користат неколку години, пренесувајќи се од генерација на генерација. Зошто во некои училишта учебниците кои се користеле минатата година не им се поделени на учениците оваа година? Очигледно е дека одредени директори по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да предизвикаат вештачка криза. Во прилог на ова е и фактот што Македонија се соочува со тренд на намалување, а не на зголемување на бројот на ученици, па невозможно е минатогодишните количества на учебници да не можат да ги задоволат потребите на оваа генерација ученици. Исто така, во согласност со законот, доколку одредени учебници се оштетени, тие се заменуваат со нови, па објавен е и ценовник за надоместок поради оштетување на учебниците“, пишува во реакцијата од МОН.

Оттаму информираат дека одредени училишта пријавиле недостиг од учебници поради оштетување, но ниедно од нив нема уплатено надомест за оштетените учебници.

„При споредба на бројот на побарувани нови учебници со бројот на ученици, воочени се нелогичности кои отворија сомневања за мотивите за тие побарувања. Затоа беа направени дополнителни анализи на побарувањата, при што се покажа дека дел од нив се нереални и ги потврдија сомневањата“, се додава во соопштението.
Од МОН апелираат до ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од предизвикување вештачки кризи во образованието.