Monday, Sep 25, 2017
HomeДЕНЕШНАРепубликаМодерниот воз пуштен во употреба – ќе вози по небезбедни пруги

Модерниот воз пуштен во употреба – ќе вози по небезбедни пруги

Денеска беше пуштен во употреба новиот модерен eлектромоторен воз, кој е еден од најмодерените во Европа. На свеченоста присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, вицепремиерот на Република Македонија и министер за финансии, Зоран Ставрески, претставници на ЦРС и на МЖ Транспорт.

– Денес е историски ден за македонскиот железнички транспорт. Помината е цела една историја во која никој не се погрижил да набави нови возови за македонските граѓани. Жално е што ниту една влада не се сетила на македонски железници, на македонските патници и станици, а од друга страна горди сме што стартуваме со крупни проекти кои севкупно ќе го подобрат имиџот на железничкиот сообраќај во Република Македонија. На почетокот од оваа година ги пуштивме во употреба 150 нови транспортни вагони, инвестиција вредна 13,2 милиони евра. Ќе пристигнат уште пет нови возови, капитална инвестиција од околу 25 милиони евра, изјави премиерот Груевски.
voz1Од друга страна, СДСМ обвинува дека модерните возови ќе возат по небезбедни пруги.

„Наместо реконструкција на небезбедните железници во Македонија, Груевски предизборно промовира шест возови кои не се наменети за меѓународен сообраќај. Сега, шесте кинески возови ќе возат по небезбедни железнички пруги. Во рамки на неговата предизборна кампања денеска Груевски отиде со воз до Велес, но не продолжи до Битола. Затоа што има застојот од одрони на оваа делница уште од 28 октомври. Населените места Мартолци, Теово, Согле, Богомила, Ореше, Нежилово се комплетно отсечени и немаат ниту железничка, ниту автобуска линија. За една лекарска услуга жителите од овие места треба да патуваат по 30 километри а тоа ги чини многу. Над 630 милиони евра Никола Груевски потроши за споменици а населените места во Македонија немаат основни комуникации, немаат лекари и амбуланти. Груевски потроши 630 милиони евра за споменици а за шест нови возови ги задолжи граѓаните со нови 25 милиони евра, кредит од ЕБОР“ – се вели во соопштението од СДСМ.

фото:Република