Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМнозинството пратеници гласаа против зголемувањето на пензиите

Мнозинството пратеници гласаа против зголемувањето на пензиите

Собраниското мнозинство на денешната пленарна седница го отфрли предлогот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за донесување закон за зголемување на пензиите за 5 отсто од 1 јануари следната година, јавива „Мета“.

По ова, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во знак на револт, ја напуштија салата.

Илија Димовски, координатор на една од пратеничките групи на опозициската партија, рече дека на претседателот на Собранието, Талат Џафери, му даваат 15 минути време да обезбеди кворум во салата со пратениците на мнозинството, по што народните избраници на ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во салата, а доколку не се обезбеди мнозинство, јавноста ќе може да се увери како Собранието ги носи одлуките.

Спикерот Џафери ги повика координаторите на пратеничките групи на партиите од мнозинството да ги повикаат пратениците во салата, а потоа даде пауза од 10 минути.

На денешната седница, со 64 гласа „за“ пратениците го поддржаа предлогот во процедура по скратена постапка да влезат измените на Изборниот законик, со кои Движењето Беса треба да добие член во Државната изборна комисија, како политичка партија од опозицијата со втор најголем број освоени пратенички места на последните парламентарни избори.

Инаку, на дневен ред на денешната седница се и интерпелациите што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ за министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика и за надворешни работи, Љупчо Николовски, Мила Царовска и Никола Димитров.

Седницата продолжува во 12.30 часот.