Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаММИ остана без лиценца поради претерано трошење

ММИ остана без лиценца поради претерано трошење

Дозволата за колективно управување со правата на уметниците, музичките изведувачи и произведувачи на фонограми на Македонската музичка индустрија (ММИ) и е одземена поради тоа што оваа организација во 2014 година имaла потрошено 81,5 проценти од прибраните парични средства за работењето на организацијата (плати за вработени, хонорари, закупнина и слично), што е повеќе од законски дозволениот лимит кој изнесува 15 проценти за оваа намена, пишува во соопштението на Министерството за култура.

„Негативното финансиско работење на Македонската музичка индустрија – ММИ беше констатирано и од страна на Владата на Република Македонија која даде негативно мислење за финансискиот извештај за работењето на оваа организација за 2014 година.

Имено, појаснуваме дека ММИ, согласно со Законот за авторските и сродните права, за работењето на организацијата може да потроши само 15 проценти од сите прибрани средства за своето тековно работење, додека остатокот од средствата во висина од 85 проценти треба да го распредели на носителите на правата. Исто така, ММИ не ја испочитува законската обврска за инсталирање софтвер за електронско евидентирање на емитуваните дела во радио-телевизиските организации.

Заштитата на авторските права и правилната распределба на средствата со кои соодветно ќе се вреднува творечката работа на носителите на правата (авторите, изведувачите, произведувачи на фонограми и др.), како и досега така и во иднина останува приоритет на Министерството за култура. Министерството за култура нема да дозволи противзаконско работење на сметка на носителите на правата“ – стои во соопштението на Министерството за култура.