HomeДЕНЕШНАЕкономијаММФ го услови Косово: Намалување на трошоците за воените ветерани или нема пари

ММФ го услови Косово: Намалување на трошоците за воените ветерани или нема пари

mmf

Косово ќе треба да ја намали големата помош што им ја исплаќа на воените ветерани, доколку сака да го задржи својот пристап до заемите од ММФ, изјави службеник на Фондот, пренесува БТА. Помошта се воведе пред изборите во 2014 година и таа веднаш ги зголеми јавните расходи во земјата.

Над 46. 000 лица од Косово се регистрирани како ветерани, многу повеќе отколку што владата очекуваше. Третманот на ветераните од војната за независност од Србија од крајот на деведесетте години на минатиот век е многу чувствително прашање во земјата.

– Со бројот на ветерани кои денес ги има, Косово во следните 20 години ќе потроши над две милијарди евра за нивните потреби, изјави на прес-конференција Жак Миниан, шеф на мисијата на ММФ, која се наоѓа во посета на Косово.

Тој кажа дека под итно треба да се преземе нешто за ова прашање. Косово во јули 2015 година со ММФ договори двегодишна спогодба за финансирање, во вредност од 184 милиони евра, од кои досега се повлечени 71 милион евра. Извршниот совет на ММФ во јануари ќе одлучи дали на Косово ќе му дозволи да ги повлече преостанатите пари.

Пред две недели косовскиот премиер Иса Мустафа, за британските медиуми изјави дека неговата влада планира да ги ограничи плаќањата за воените ветерани до 500 милиони евра годишно, како што побарал Фондот. За да се направи тоа, владата треба да добие одобрение од Парламентот, постапка што воопшто нема да биде лесна, забележуваат британските медиуми.

Косовската економија минатата година забележа раст од 4,1 процента и се очекува годинава и во 2017 година растот да се задржи на истото ниво, благодарение, пред се, на парите што доаѓаат од странство и на зголемувањето на надворешните инвестиции.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com