Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаMKA-2000: Заложбите за подобрување на консултантскиот сектор да се вклучат во предизборните програми

MKA-2000: Заложбите за подобрување на консултантскиот сектор да се вклучат во предизборните програми

MKA-2000 претставува професионaлно здружение во коe членуваат претставници на домашни регистрирани фирми кои вршат менаџмент консалтинг услуги, меѓународни консалтинг фирми и независни консултанти кои ги нудат своите услуги како интелектуална услуга. Со оваа структура, МКА-2000 веќе 20 години делува преку унапредување на квалитетот на консултантските услуги и обезбедува поддршка на јавниот и приватниот сектор.

Во пресрет на изборниот процес, МКА-2000 упатува апел до политичките партии при креирање на нивните предизборни програми да ги земат предвид заложбите за подобрување на бизнис климата во консултантскиот сектор. Оваа заложба произлегува од потребата за подобро искористување на достапните фондови, креирање нови пазари, поголем влез на странски инвестиции, примена на меѓународните стандарди, поддршка на иновативноста и конкурентноста, како и примена на начелата на ЕУ за водење бизнис.

mka2000

Организацијата МКА-2000, која ги застапува интересите на консултантите е одблиску запознаена со состојбите и потребите во овој сектор смета дека постои неискористен потенцијал кај домашните консалтинг компании и недоволно дефинирани пазарни услови кои овозможуваат нелојална конкуренција.

Во оваа насока, сакаме да истакнеме дека е неопходно да се воспостави:

  1. Транспарентен систем на јавни набавки за избор на најдобра понуда во која ќе се напушти концептот на најниска цена и ќе се цени понудениот квалитет. Со овој принцип ќе се овозможи ефикасно извршување на набавката и при тоа ќе има заштеда на ресурси.
  2. Услови кои ќе овозможат вклучување на домашни консултантски компании во меѓународни повици кои се реализираат со буџетски средства на Р.С. Македонија, но и од средствата на меѓународните организации. Со поттикнување на учеството на домашните компании, значително ќе се влијае врз градењето и зајакнувањето на националните капацитети во професијата.
  3. Искоренување на нелојалната конкуренција и елиминирање на сива економија. Потребно е да се дефинираат условите за фер натпревар помеѓу регистрирани субјекти кои се даночни обврзници и вршат стопанска дејност, наспроти невладините организации коишто не ја обавуваат дејноста за којашто се регистрирани. Ова ќе гарантира квалитетно извршување на услугите, зголемени даночни приливи, подобрување на довербата во консултантските компании и ограничување на тие кои не ги почитуваат правилата.
  4. Олеснет пристап до официјални и точни податоци со кои располагаат институциите, со цел да се направат истражувања со кои ќе се добијат реални показатели за состојбите.
  5. Систем кој ќе овозможи анализа и мерење на реалните ефекти на спроведените  политики на државните институции, со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста при трошењето на буџетски средства, т.е. воведување на Национален Систем на мониторинг и евалуација кој ќе биде заснован врз Националната политика за евалуација.
  6. Предвидлив даночен систем со задржување на рамните даночни стапки, кој ќе овозможи долгорочно планирање на деловните активности и намалување на скриените фискални давачки.
  7. Владеење на правото во насока на воспоставување ефикасен судски систем кој ќе гарантира непристрасно применување на законите. Заради ефикасно деловно работење на бизнис секторот потребно е намалување на корупцијата и заложби за модернизирање на институциите како сервис на бизнис секторот.
  8. Зголемување на ефективноста и ефикасноста на јавната администрација, преку значително намалување на бројот на вработени во јавната администрација, како и професионализација на сите менаџерски функции.

Консултантскиот секторот во државата смета дека е од исклучително значење  при креирањето на националните политики да се воспостави редовна комуникација и соработка со владините институции. Потребно е и зајакнување на домашните економски капацитети и овозможување услови за конкурентност на домашните и странските пазари.