Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМитриновски доживеал срцев удар, рочиштата пред Судскиот совет одложени

Митриновски доживеал срцев удар, рочиштата пред Судскиот совет одложени

Повторно се одложи рочиштето на судскиот совет по предметот на бившиот судија на Апелација Јордан Mитриновски поради неговата сериозно влошена здравствена состојба, за која неговите правни застапници ги известија членовите на Судскиот совет, јавува „Плус инфо“.

Митриновски пред неколку дена доживеал срцев удар и поради тоа понатамошните рочишта се одложени на неопределено време, до негово закрепнување.

Неговиот адвокат Ефто Спировски во изјава за медиумите рече дека Хелсиншкиот комитет за човекови права многу добро ги навел забелешките за подносителот на обвинението, претседателот на Судскиот совет Јово Вангеловски, кој кај себе споил три функции, и како што рече, оваа повторена постапка ќе резултита со дебела отштета за Митриновски, материјална и нематеријална.

Запрашан од новинарите за коментар за постапувањето на Врховниот суд за одлучување на легалноста на таканаречение „бомби“ кои пред две години ги објави тогашната опозиција, адвокатот Спировски рече:

– За мене се тие докази кои излегоа на виделина и на јавна сцена, и благодарение на храброста на Зоран Заев, тие беа изложени во судницата која се вика Македонија. Смешно е сега што Јово Вангеловски ќе решава во Врховен суд дали бомбите се подобни или не се подобни, а и самиот тој е потенцијален обвинет поради содржината која ја откриваат бомбите. Погрешно е да се тврди дали се дозволени или не. Тие се кристално јасни. Никој не ги оспори и не ги негираше гласовите. Никој не рече оваа реченица е сечена лепена и монтирана. Подобри докази од тоа не може да има. Најголема грешка е што во Пржино не се направи специјален суд, така до сега сите ќе беа уапсени и ќе беа во Идризово, и штетата ќе се наплатеше. Бомбите имаат доказна вредност, и претставуваат докази од крунска вредност – вели Спировски.

Митриновски за неговата смена се жалеше и пред Судот за човекови права во Стразбур каде го доби спорот против државата. После одлуката од Стразбур беше соопштено дека Македонија изгуби уште еден случај пред Судот за човекови права кој ја прифати тужбата на Јордан Митриновски, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Скопје и констатира дека бил разрешен во постапка која не обезбедила фер и правично судење.