Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионМинистерката за надворешни работи отпатува во Каиро да го спасува киднапираниот Хрват

Министерката за надворешни работи отпатува во Каиро да го спасува киднапираниот Хрват

Хрватската министерка за надворешни и европски работи Весна Пусиќ отпатува во Каиро заради киднапираниот Хрват од страна на Исламска држава, која се закани дека ќе го обезглави Томислав Салопек ако египетската Влада не ги исполни нејзините барања.

– Првата потпретседателка на Влада и министерка за надворешни и европски раноти Весна Пусиќ е во контакт со египетскиот министер за надворешни работи и во согласност со договорот со него и препораките ќе отпатува за Каиро, се посочува во соопштението од хрватското МНР, пренесува Хина.

Египетскиот огранок на Исламска држава се закани дека ќе го обезглави Хрватот кој работи за една француска компанија, а беше киднапиран кон крајот на јули во предградие на Каиро, ако египетските власти не ги ослободат уапсените муслиманки. На видео-снимка објавена вчера на интернет се гледа маж кој клечи во пустина, а зад него има маж со качулка на глава и облечен во маскирна униформа, држи нож, а до него се вее знамето на ИД.

Хрватот облечен во портокалова облека, како и сите заробеници на ИД, чита порака на англиски јазик. Тој се претставува како Томислав Салопек, оженет и 30-годишен татко на две деца. Тој вели дека групата Синајска провинција, египетски огранок на ИД, го киднапирала на 22 јули. Салопек наведува дека киднаперите ќе го убијат во рок од 48 часа доколку египетската Влада не ги ослободи „муслиманските жени“ од затвор, иако не прецизира кога почнува одбројувањето.