Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМилошоски: Заев сака да изврши државен удар

Милошоски: Заев сака да изврши државен удар

Заев од денеска понатаму е единствениот и прв кој повикал јавно да се урне собранискиот и уставниот поредок и да се изврши државен удар со паралелно собрание и со паралелен претседател на законодавниот дом, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на прес-конференција во Собранието, одржана веднаш по таа на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на која тој порача дека е време парламентарното мнозинство да си ја преземе одговорноста.

– Заев е подготвен да ги замолчи пратениците за тој што молчеше во Собранието да го избере за претседател. Заев денеска без трошка чувство за државност и разум повикува да се формираат параинституции и со тоа ги девалвира Собранието, Уставот, законите и демократијата. Тоа е повик за тензии, за конфликт и за државен удар. Таквиот повик за конфликт може да предизвика голема штета и долгорочни последици за стабилноста во Македонија – рече Милошоски.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, начинот на дејствување на Заев е „дејствување на политички очајник кој во кризата ја гледа својата последна политичка шанса“.

Милошоски нагласи дека претседател на Собранието може да се избере само во Собранието и на ниедно друго место, а дека секој друг обид за избор на претседател е создавање паралелни институции.

– Народот нема да седи мирно и да гледа некој како ги суспендира демократијата и институциите во државата. Народот е на нозе. Македонија се буди. Ако смета Заев дека СДСМ ќе добие 70 пратеници на брзи парламентарни избори, не гледам причина зошто не се согласува на избори – додаде Милошоски.

Во однос на мандатот на СЈО, Милошоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ останува на тоа што е договорено со ДУИ, ДПА и со СДСМ иако рече дека СЈО во последно време е претворено во испостава на политичка партија.